Турскиот парламент во октомври ќе гласа за рафиикација на членството на Шведска во НАТО

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави во средата дека ќе ја проследи ратификацијата на кандидатурата на Шведска за членк на НАТО до парламентот наесен по завршувањето на летните одмори, додавајќи дека очекува Стокхолм да преземе некои чекори против тероризмот во замена за ратификацијата.

Анкара ја одложува ратификацијата со месеци, обвинувајќи ја Шведска дека прави премалку за луѓето кои ги смета за терористи, од кои повеќето се членови на забранетата Курдистанска работничка партија (PKK).

Сепак, во неочекуван пресврт, Ердоган во понеделникот се согласи да го проследи барањето за прием на Шведска во НАТО до парламентот. Летната пауза во турскиот парламент започнува на крајот на седмицава, а повторно ќе се состане во октомври.

„Кога повторно ќе се отвори (парламентот), верувам дека нашиот претседател на парламентот ќе го стави ова на гласање меѓу меѓународните договори. Примарното место на одобрување е парламентот, а потоа ќе дојде кај мене на одобрување“, рече Ердоган на прес-конференција по самитот на НАТО во Вилнус.

„Сакаме овој процес да заврши што е можно поскоро“, додаде тој.

Ердоган рече дека очекува Шведска да преземе конкретни чекори против тероризмот во согласност со нивниот договор, додавајќи дека Стокхолм ќе поддржи и измена на царинскиот договор на Турција со Европската унија, како и безвизен режим.

Исто така, висок функционер изјави за Reuters во средата дека владата на Ердоган ќе разговара со својот националистички сојузник во парламентот за ратификација на пристапот на Шведска во НАТО, откако се чини дека Партијата за националното движење (MHP) зазеде негативен став по ова прашање.

Лидерот на MHP, Девлет Бахчели во вторникот рече дека Шведска не успеала да се дистанцира од тероризмот, но додаде дека Ердоган ќе ја донесе конечната одлука за шведската кандидатура.

Партијата на правдата и развојот (AKP) на Ердоган без MHP го нема парламентарното мнозинство потребно за ратификација. Другите партии во парламентот досега не најавија дали ќе ја поддржат ратификацијата.