Турските бизнис ангели ги споделуваат искуствата со колегите од Македонија

Македонските компании кои бараат инвестиција денеска во Скопје, а утре во Тетово, ќе може да се презентираат пред делегација на Турската асоцијација на бизнис ангели (ТБАА) што престојува во Македонија во рамки на инцијативата „Meeting the Investors and Enterpreneurs 2015“ за селекција на иновации, иновативни компании и претприемачи, пренесува МИА.

Според агендата, предвидени се посебни панели за мали и средни претпријатија и претприемачи, како и за потенцијалните домашни бизнис ангели инвеститори.

– Тука сме за да ја презентираме важноста на иновациите. ТБАА е присутна не само во Турција, туку и во цела Источна Европа, а токму Македонија има еден од најразвиените старт ап пазари во регионот. За нас ќе биде многу возбудливо да ги видиме најдобрите македонски претприемачи денеска, рече Бајбарс Алтунташ, претседателот на ТБАА и потпретседател на Европската асоцијација на бизнис ангели ЕБАН.

Тој истакна дека ИКТ технологијата и ИТ секторот добиваат 25 отсто од глобалните инвестиции на бизнис ангелите, што, како што рече, претставува одлична можност и за македонските претприемачи од овие области.

– Можеби е многу лесно да се најдат финансиски средства за започнување бизнис, но не е лесно да се најде поддршка од мрежа и ноу хау (know how). Нашата асоцијација е тука за да им го понуди тоа на ветувачките старт ап компании во вашата земја, рече Алтунташ.

Илија Вучков од Емкице посочи дека иницијативата за денешниот настан почна во јануари на бизнис-иновацискиот форум во Скопје на кој, како што нагласи, беа присутни претседателите на петте најголеми мрежи на бизнис ангели од Европа.

– Иницијативата ќе трае до крајот на 2015 година при што ќе се одржат неколку презентации и селекција на иновации, иновативни компании и претприемачи, а најдобрите ќе одат во Истанбул и Брисел. Ги охрабрувам сите кои имаат добри идеи или  компании кои развиваат иновативни производи да се поврзат со институциите и да пробаат да ги освојат пазарите, рече Вучков.

Тој нагласи дека средствата кои доаѓаат од националните и европските фондови даваат можност да се развие производ, но бизнис ангелите нудат и освојување на пазари.

Претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска посочи дека во Македонија освен Фондот за иновации не постои друга институција која ги поддржува старт ап бизнисите.

– Во Македонија бизнис ангелите како идеја речиси воопшто не се развиени. Се надеваме дека турските искуства, со кои денеска ќе се запознаеме, ќе имаме можност успешно да ги примениме во Македонија, особено со трансферот на ноу хау и како бизнисот може да инвестира во новите идеи и новите старт ап компании. Очекувам дека во иднина не само што ќе се развијат фондовите  за инвестирање во старт ап компаниите, туку ќе се развијат и нови производи во комерцијалните банки преку кои ќе може да се финансира отпочнување на старт ап бизнис, рече Арсовска.

Според директорот на Агенцијата за странски инвестиции Климент Шекеровски, ваквите средби се посебно важни бидејќи ја продлабочуваат врската помеѓу државата и стопанството и придонесуваат за развој на домашното стопанство преку  носење на знаење и трансфер на технологии од странските компании и презентирање информации како се пробива на нови пазари.

ТБАА во Македонија доаѓа во организација на Македонската мрежа на бизнис ангели и центарот Емкице како членка, како и во коорганизација на регионалниот центар Полог, општините Тетово и Гази Баба, Сојузот на стопански комори и Комората на северозападна Македонија и Косме мрежата, со помош на Турската амбасада. Во претходните четири дена ТБАА имаше турнеја во Албанија и Косово.

Турската асоцијација на бизнис ангели се смета за една од најсилните асоцијации на бизнис ангели во Европа. Претставува 70 отсто од 12-те официјално регистрирани мрежи на бизнис ангели во Турција, од кои осум се нејзини членки. ТБАА годишно инвестира околу 400 милиони долари во старт ап, мали и средни компании во Турција и игра клучна улога во развојот на иновациите и вработувањата на младите во целата држава.