Туск: Ве молам не се откажувајте, нова шанса за почеток на преговори ќе има во мај 2020 година

„Македонија и Албанија не се виновни што не им се одобрени преговорите за полноправно членство во ЕУ. Денеска сакам да испратам јасна порака до нашите пријатели во Македонија и во Албанија, ве молам не се откажувајте, ги разбирам вашите фрустрации“, изјави на денешната прес конференција претседателот на европскиот совет Доналд Туск. Тој рече дека Европската Унија ќе се наврати на процесот на проширување до мај 2020 година.

„Јас лично мислам дека е тоа грешка. Двете земји го положија испитот. Не можам тоа да го кажам и за земјите членки. Не е сомневам дека еден ден ќе станете полноправни членки“, изјави Туск и додаде дека голем број од државите го поддржуваат започнувањето на преговорите со Македонија и со Албанија, но за жал за оваа одлука е потребна едногласна согласност.

И претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер рече дека немањето консензус за доделување на датум за старт на преговорите е огромна, историска грешка. Јункер рече дека ако ЕУ сака да биде почитувана, мора да ги исполнува своите ветувања.

Канцеларката Ангела Меркел на прес-конференција рече дека „многу жали” што ЕУ не успеа да постигне консензус и посочи дека против биле Франција, Данска и Холандија.