Тутунарите денеска повторно на протест пред Владата

Тутунарите и лозарите денеска излегуваат на протест пред Владата. Велат дека ќе бараат одговори за неисполнетите ветувања дека ќе се корегира годинашната, катастрофална откупна линија.

-Од самиот старт на откупот, ние сфативме дека ова е игра. Значи, се земаат квалитетени тутуни во пониски класи, одбитоци од огромни 10 проценти, динамиката е слаба на откуп…ланската година се откупуваа по 1.200.000 кг на ден, а сега по некои 400-500 тони на ден. Затоа ние одлучивме – протест пред Владата за конечно да каже премиерот дали има решение за нашите проблеми или нема, Игор Мирчески, од ИО на незадоволните тутунари.

Тој посочува дека имаат уцени и невидени притисоци за да се откажат од денешниот протест, но посочува дека нема да потклекнат.

Македонските тутунари, досега не влегоа во ниту еден пакет-мерки на Владата, заради што бараат барем зголемување на субвенциите, бидејќи како што велат, откупот на тутунот, и покрај досегашните преговори со сите релевантни фактори, вклучително и со премиерот, на територијата на цела Македонија, и понатаму се одвивал по старата шема.

Поддршка на овој протест ќе дадат и од Здружението на лозари од Тиквешијата.