Тутунопроизводство: Добра откупна цена и задоволни земјоделци

тутун

За разлика од порано, сега нема поплаки за процените на квалитетот. Државата ги засили контролите, па на крајот се чини сите ќе бидат задоволни, и тутунарите и откупувачите.

-Нема никакви забелешки, нема никакви расправии со откупувачите на тутун, сè се одвива во најдобар ред, вели повереникот Сашо Велјаноски.

-Реколтата е квалитетна, ние гарантираме дека односот меѓу откупувачите и тутунарите ќе биде во најдобар ред, вели директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Цветан Трипуновски.

Просечната цена достигна 193 денари!

Потврда дека откупот на тутунот минува без проблеми е постигната многу солидна просечна цена од 193 денари за килограм, повисока од лани. Дополнително, субвенциите за тутунот изнесуваат 60 денари, што значи дека во моментов производителите во просек добиваат по 253 денари.

-Нема оспорувања на процената, задоволни се и двете страни. Тутунарите нудат квалитетен род кој реално се цени и затоа нема никакви недоразбирања со откупните претпријатија, вели претседателот на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија, Данчо Милески.

До второстепената комисија досега нема поднесено жалби од земјоделците околу откупната цена на „жолтото злато“ – потврдија од Министерството за земјоделство, иако не ја исклучуваат можноста да пристигнат неколку во претстојниот период, пред сè од оние производители кои родот требаше да го предадат во „Струмица табак“.

Откупот ќе заврши предвреме

Од Сојузот на тутунските здруженија сметаат дека ако временските услови им одат во прилог, односно ако температурите не бидат многу ниски, тогаш е можно откупот на тутунот да заврши во февруари, пред крајниот рок на 15 март.

-Од околу 20.000 тони тутун останува да се откупат уште 3.500 до 4.000, главно во Пелагонискиот регион. Откупот привршува и во источна Македонија каде треба да се преземат уште 200 тони, вели Милески.

Исплатата е реализирана со повеќе од 93%, што значи дека досега се исплатени над 2,6 милијарди денари.

-Тутунот има висок квалитет и на задоволство на сите, особено на производителите, согласно процената и верифицираните мостри, цената е задоволителна, смета заменик – министерот за земјоделство, Ванчо Костадиновски.

-Производството на квалитетен тутун е крајна цел и на производителите и на откупувачите, во спротивно губат и едни и други, објаснува Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија.

Решение кооперантите на „Струмица табак“

Сезонава , иако договори потпишаа 10 претпријатија, 9 го исполнија условот за откуп на тутун и доставија банкарска гаранција дека обезбедиле средства за таа намена. „Струмица табак“ не ги отвори пунктовите за околу 3.500 кооперанти и не достави бонитет во предвидениот рок.

Сепак, од Министерството за земјоделство велат дека ќе се најде решение, бидејќи целокупниот род што требаше да го откупи „Струмица табак“ ќе биде преземен од другите откупувачи. Среќна околност е што не се работи за големи количества.

-Проблемот е што „Струмица табак“ има потпишани договори за тутунот „басмак“, а компаниите кои треба да го откупат не го користат овој тутун. Но, ние на состанок се договоривме да го откупат и „басмак“, бидејќи се работи за мало количество, вели министерот за земјоделство, Михаил Цветков.

Дел од земјоделците – кооперанти на „Струмица табак“ се пожалија дека другите откупувачи им го ценеле родот во пониските класи, што влијаело врз цената, па затоа од Министерството за земјоделство добија совет да повикаат надлежен инспектор и да побараат нова процена пред второстепената комисија.

Македонија произведува квалитетен тутун

Македонија го стабилизираше производството на тутун. Количините се намалуваат, но затоа квалитетот е значително поголем, што се одразува и на конечната цена.

Оваа гранка е стратешка за македонското земјоделство, со учество од околу 30% во извозот од овој сектор, а од неа егзистираат околу 40 илјади семејства.

-Македонскиот ориентален тутун, поради својот висок квалитет, е многу ценет на меѓународните пазари и претставува значаен извозен производ, објаснува универзитетскиот професор, Златко Арсов.

Македонското земјоделство нема алтернатива за тутунот, особено ако се имаат предвид вложувањата, приходите и профитабилноста.

-Ниту една друга култура не може без дополнителни трошоци да обезбеди егзистенција за овие семејства. Тутунот се сади главно во сушни региони, па ако дополнителен проблем и многу сериозна инвестиција е да се замени со друга, алтернативна култура, вели Ристовски од СКМ.

Производството и трговијата со тутун и тутунски производи учествува во БДП со околу 3,2 процента, додека тутунската индустрија во вкупната индустрија на земјава учествува со околу 4 проценти. Над 4% од вкупно вработени во Македонија се во овој сектор.