„Тутунска надеж“ смета дека изјавата на Јахоски за нов Закон за тутун е во полза на тутунарите

Здружението на тутунари „Тутунска надеж“ смета дека изјавата на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски за нов Закон за тутун е во корист на тутунарите.
„Во наша полза е  изјавата на пратеникот Исмаил Јахоски. Затоа ги повикуваме сите пратеници да смогнат снага и заедно со здруженијата да се состави закон кој нема да му наштети на никој најмалку на земјоделците, тутунари кои се едни од најголемите полначи на буџетот, да не се дозволи оваа култура да исчезне од нашата држава“, велат од новоформираното здружение.
Од „Тутунска надеж“ напоменуваат дека тие се првото здружение кое повика на измени на Законот за тутун и сродни производи.
„Минатата реколта мал дел тутунари ја почувствуваа штетноста на тој закон. За оваа реколта проблемот да ескалира. Државата треба а и мора прво да го заштити домашното производство и своите земјоделци, и доколку има услови за производство на останатите сорти тутун да ги мотивира земјоделците да го произведат на сопствена почва, а не да го увезат од надвор. Владее безработица и големо иселување на народот во други држави , и наместо тоа да се сопре се поттикнува“, сметаа од здружението.
Јахоски во вторникот изјави дека бара измени на постојниот закон за тутун и тутунски производи.

„Да не се манипулира со маката на тутунарите и да се откупи тутунот по пазарна цена. Ова не смее да ни се повторува речиси секоја година како проблем, мора да има гаранции за овие луѓе. Да се преземе сѐ за да се откупи тутунот во законскиот рок, а потоа да се склучуваат договори за новата реколта“, апелира Јахоски до компаниите кои го вршат откупот на тутун.

Според него, добар пример е решението со лозарите, кога владата донесе пакет итни мерки за откупот на грозје и даде поддршка за винарските визби.