Тешко им е на лекарите и сестрите, но најтешко им е на пацинетите. На крајот тие страдаат поради нефункционалноста на системот. Болните од мултипла склероза два месеци се без неопходната терапија која ја спречува прогресијата на оваа сериозна болест. Секој ден се молат да ги добијат потребните лекови кои им го продолжуваат животот, пишува ТВ Алфа.
Стравуваат дека состојбата драстично ќе им се влоши ако не го добијат, а во меѓувреме државата си игра топло ладно и не може или не сака да го комплетира тендерот за набавка на истиот.
Пациентка од внарешноста, која сака да остане анонимна бидејќи се плаши оти во иднина нема да добива соодветен третман доколку јавно проговори, за Алфа сведочи за голготата низ која минува.
„Од друг град заедно со други пациенти континуирано се јавуваме и доаѓаме до Скопје, но се уште ги нема лековите. Исто така не може во секој град да го подигнеме и секој месец треба да доаѓаме до Скопје да го земеме. Бараме одговор од директорот, како и министерот, дали изборите се поважни од нас пациентите?“.
Од неврологија прво ни рекоа дека постапката е во тек и дека се очекува да заврши во брзо време, за сега директорот да рече дека тендерот е завршен, но во тек е жалбена постапка.
„Постапката е завршена, но поради жалба на еден од понудувачите, во тек е жалбена постапка која очекуваме наскоро да заврши и да се пристапи кон потпишување на договорот“, рече Висар Мифтари, директор на Клиниката за неврологија.
И додека институциите ги решаваат административните проблеми, пациентите секојдневно се соочуваат со проблеми. Ана Карајанова Димитрушева од Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза, вели дека е потребно системско решение
„Повеќе од еден месец се работи за недостапност на оваа терапија, копаксон. Самата тендерска постапка е таа која што ја кочи набавката и достапноста на пациентите. Не е работата лекот го нема моментално, и после пет месеци ќе го нема и после две години ќе го нема. Работата е едно системско решение за да не се случува топло, ладно, го има го нема“, вели Ана Карајанова Димитрушева, од Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза.
За мултипла склерозата нема лек и на пациентите им е потребна редовна терапија која ги ублажува симптомите и го спречува прогресирањето на болеста. Доколку не ја примаат терапијата, состојбата трајно и неповратно се влошува.
Љубиша Владимиров