ТВ Канал 5 поднесе тужба против Советот на Европа

Телевизијата Канал 5 денеска поднесе тужба против Советот на Европа, кој во последниот извештај, според телевизијата, ја клевети Канал 5 за наводен говор на омраза насочен кон Бугарија, апострофиран со терминот „евтини проститутки“.

Управителот на телевизијата Иван Мирчевски пред Граѓанскиот суд истакна дека оваа клевета предизвикува финансиски правна несигурност на компанијата во иднина.

-Би сакал сосема накратко да ви го цитирам моментот којшто е крајно спорен и крајно неодговорен од лицата коишто го пишувале овој извештај. Во точката 31 во делот на говорот на омраза се вели дека антибугарскиот говор на омраза во нашата земја е исто така честа појава во Македонија според бугарските соговорници, со кој се сретнала Европската комисија против расизам и нетолеранција – ЕКРН. Јас тука нема да навлегувам во дефиницијата што значи бугарски соговорници, дали се тоа македонски Бугари, односно Македонци со бугарска самосвест или пак, Бугари од Бугарија што ќе биде страшно спорно, но овој пасус, во оваа точка сосема на крај се вели дека ЕКРН исто така слушна наводи, внимавајте, дека вториот поим, говорот за омраза, а тоа е „евтини проститутки“ или „chip prostitute“ се користи повремено на Канал 5 јавна телевизиска станица, истакна Мирчевски.

Тој потенцира дека говорот на омраза во Канал 5 ниту постоел, ниту ќе постои. Мирчевски информираше дека преку нивниот правен застапник Тони Менкиновски во ноември од МНР побарале правна заштита, а на 7 декември се обратиле до Канцеларијата на Советот на Европа во Македонија при што побарале да се извинат и да си го коригираат извештајот со цел да не продолжи штетата која што ја прават. Но не добиле одговор.

Адвокатот Менкиновски рече дека се работи за сериозен упад, посебно што се работи за извештајот кој се однесува на тоа што државата прави во врска со дискриминацијата, а во него се спомнува медиум кој, како што посочи, ништо не сторил.

-Со тоа дејствијата кои ги презема Канал 5 се легитимни и легални и со тие може да се очекува да имаме легитимно очекување дека оваа ситуација ќе ја исправиме бидејќи навистина се работи за навреда на правно лице, на медиум од страна на меѓународна институција која има претставништво во Македонија, тоа е Канцеларијата на Советот на Европа и се работи навистина за сериозен преседан во овие извештаи за состојба со човекови права во Република Македонија, истакна Менкиновски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.