Твитер насамари македонски портали со честитка од лажен Ципрас

Неколку македонски портали наседнаа на порака објавена од Твитер-налогот со име @dzagdisha, пренесувајќи дека „Ципрас му честита на Заев за постигнатиот договор со ДУИ“, пренесува 360степени.мк.

Лажниот Ципрас го пренесоа неколку портали

Но, ако се отвори овој профил на Твитер веднаш се забележува дека тоа не е официјалниот налог на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, туку дека се управува од човек од земјава кој, најверојатно, на шега се камуфлирал во Ципрас. Твитер како социјална мрежа дозволува менување на имиња и презимиња, но она што е карактеристично за оваа мрежа е дека треба да се внимава на тоа што го пишува по знакот „@“.

Профилот @dzagdisha на насловната има фотографија што ја користи и грчкиот политичар, но не е тешко да се направи разлика и да се види дека не станува збор за профилот на Ципрас. Дополнително, на овој профил во позадина има фотографија од Љубчо Георгиевски, а во описот на македонски јазик пишува „Оној твојон“.

Официјалниот профил на Алексис Ципрас е регистран под @tsipras_eu и е означен со син круг, што значи дека тој профил е верификуван. Вистинскиот Ципрас последен пат на Твитер имал статус на 5 август и тој се однесува на експлозијата во Бејрут, Либан.

Официјалниот профил на Алексис Ципрас

Ципрас се вклучи во предизборната кампања со видео-порака со која ги поддржа Зоран Заев и СДСМ, но по повод денешниот договор меѓу СДСМ и ДУИ за формирање мнозинство и влада, Ципрас засега нема порака. Барем не јавна.

Во меѓувреме @dzagdisha го врати своето првично име „Џагдиша“ на профилот на Твитер, ја промени и насловната фотографија, но преземниот статус сè уште стои во вестите на македонските портали кои првично го пренесоа, мислејќи дека е профил на Ципрас.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.