Њујорк го очекува апсењето на Трамп, дојава за подметната бомба

Полициски бариери се поставени во Њујорк пред кулата „Trump Towera“ и зградата на окружниот суд на Менхентен, распоредени се полицајци, новинари и поддржувачи на Доналд Трамп во очекување на можна историска кривична пријава против поранешниот американски претседател.

Како што извести агенцијата Bloomberg закана за подметната бомба била дојавена во вторникот во судот во Њујорк, во моментот кога судијата требало да го отвори рочиштетот по тужбата на државната обвинителка на сојузната држава Њујорк, демократката Летиција Џејмс против поранешниот републикански претседател Доналд Трмап.

Според претставник на судот, повикот што го добила службата 911 бил проверен, зградата на судот била привремено затворена и прегледана и притоа било констатирано дека заканата не била основана.

Обвинителството на државата Њујорк предводено од Џејмс којашто Трамп и во минатото често ја обвинуваше за пристрасност кон него, отвори случај за наводна измама со финансиски извештаи на неговата компанија „Trump Organization“.

Според верзијата на обвинителството, поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен кој претходно се изјасни за виновен, на поранешната порноактерка Стефани Клифорд, позната како Сторми Даниелс, ѝ исплатил 130.000 долари од сопствени средства за да молчи за нивната афера во текот на претседателската кампања во 2016 година, кои подоцна му биле компензирани од „Trump Organization“. Обвинителството смета дека за плаќање на компензацијата можело да биде извршено фалсификување во финансиските извештаи на компанијата и токму тоа е предмет на случајот.

Самиот Трамп објави дека во вторник ќе биде уапсен поради овој случај, но тоа не се случи вчера. Според некои американски медиуми, големата порота на судот на Менхетен, група граѓани со големи истражни овластувања, може да гласа по обвинението во средата, но дека на тоа може да се чека и до следната седмица.

Обвинителот за округот Менхетен, Алвин Браг, јавно не потврди никакви планови, а големите пороти работат во тајност за да избегнат лажни сведочења или занимавање со сведоците пред судењето, со што практично е невозможно да се следат нивните постапки.

Во последното соопштение од вторникот од тимот за претседателската кампања на Доналд Трамп за 2024 година, фотографијата прикажува двајца припадници на њујоршката полиција (NYPD) како истовараат метална бариера од камион, со пораката „Барикади се поставуваат околу Кривичниот суд на Менхетен додека нашата нација очекува објават за тоа дали претседателот Доналд Трамп ќе биде ОБВИНЕТ и покрај тоа што не сторил НИЕДЕН ПРЕКРШОК“.

Трамп, кој беше 45-от американски претседател од 2017 до 2021 година, вели дека „на 5-ти ноември 2024 година ќе се врати во Белата куќа и Америка повторно ќе ја направи голема“.

Трамп во саботата на својата социјална мрежа Truth Social објави дека во вторникот и формално и симболично ќе биде обвинет и уапсен. Тоа би претставувало преседан без разлика дали станува збор за американски претседател кој бил на должност или откако ја напуштил Белата куќа.

Процедурата на американската кривична постапка налага Доналд Трамп да биде фотографиран за полициско досие, да му се земе отпечаток од прстите, а накусо би можело да му бидат ставени и лисици на рацете. Меѓутоа, њујоршките правосудни власти сакаат да избегнат такво спектакл и медиумско и политичко внимание, што секако би следело.

Трамп го осуди „ловот на вештерки“ кои го водат демократите против негов, а мејнстрим медиумите со кои е во војна од најавата на неговата кандидатура за претседателските избори пред десет години, објавија дека неговите „повици на протест“ не успеале. Известуваат дека само 40 негови приврзаници во вторникот поред неговата резиденција во Мар-а-Лаго на Флорида, и уште „неколку десетици“ во Њујорк во понеделникот пред зградата на судот и пред „Trump Tower“ на Петтата авенија, а нема извештаи за вторникот.

Меѓутоа, стравувајќи од судири во градот кој има насилно минато, портпаролот на њујоршката полиција предупреди дека „присутноста на униформираните полицајци ќе се зголеми во пет квартови“, дури и доколку „моментално не постои веродостојна закана во Њујорк“.

Приврзаниците на Трамп водат истовремено жестока кампања на социјалните мрежи. Во напорите да ја блокираат судската постапка, групата „The Donald“ на платформата Reddit има намера да покрене „национален штрајк“ или „граѓанска војна 2.0“.

Случајот со порноактерката Сторми Даниелс е правно сложен, а истрагата којашто упорно ја влечат со години, забрза минатата седмица, откако стана јасно дека Трамп сигурно ќе се бори за републиканската номинација на претседателските избори. Повторното забрзување на случајот, според некои аналитичари, ги зголемува изгледите на Трамп во остро поделеното американско гласачко тело.