Њујоршка обвинителка тврди дека администрацијата на Трамп незаконски го ограничува боледувањето

Њујоршката државна обвинителка Летиција Џејмс ја тужи администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп поради федерална одредба со која, како што наведе, нелегално се ограничува платеното боледување за работниците кои биле заразени со коронавирусот.

Во тужбата што ја поднесе до сојузниот суд на Менхетн, Џејмс наведува дека одредбата на Министерството за труд е во спротивност со законот донесен од страна на Конгресот во март, кој предвидува 14 дена платен одмор за работниците кои отсуствуваат поради пандемијата.

Џејмс наведува дека прописите на Министерството за труд се спротивни на законот затоа што предвидуваат работодавачот да не мора да му обезбеди платено боледување на работник ако утврди дека за него нема работа, како и тоа што се оневозможува боледување за широка категорија здравствени работници.

Минатиот месец Трамп потпиша закон кој има за цел да обезбеди олеснување на луѓето погодени од пандемијата и да помогне во борбата против негативните последици во економијата.