УЈП: Над 125.000.000 евра се наплатени од даноци во март

Во март е забележана повисока наплата кај данокот на личен доход и данокот на додадена вредност, а пониска наплата има само кај данокот на добивка, информира денеска директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.

Според неа, во овој месец, вкупно остварениот даночен приход изнесува 7.720. 610.000 денари и тој е повисок за 6,1 отсто во однос на планираниот, односно 18,6 отсто во споредба со остварениот приход во март лани.

– Наплатата кај данокот на добивка е пониска за 4,3 отсто во однос на планираното, додека кај данокот на личен доход е повисока за 4,3 отсто, а кај данокот на додадена вредност за 10,7 отсто.Во споредба со остварениот приход во март 2020 година, данокот на добивка е понизок за 1,3 отсто, додека повисока наплата од 12,5 отсто има кај данокот на личен доход и од 29,5 отсто кај данокот на додадена вредност – рече Лукаревска.

Според  УЈП, во периодот јануари-март остварен е вкупен даночен приход од 20.616.146.000 денари што е за 3,09 отсто повеќе во однос на планираното и за скоро 8 отсто во споредба со остварениот приход во истиот период лани.