УЈП: Нова верзија на софтвер за користење на финансиска поддршка за исплата на плати

29

Врз основа на Уредба со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот covid-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година, работодавачот може да оствари право на финансиска поддршка во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник, согласно со работното време (полно или неполно работно време) на кое е пријавен работникот, намалено за работното време за кое се остварува надоместок на плата кој не паѓа на товар на работодавачот.

За остварување на правото работодавачот поднесува Барање за финансиска поддршка за исплата на плати за месеците април и мај 2020 година за секој месец поединечно, до Управата за јавни приходи.
Работодавачот со комплетно Барање (образец БФП-ИП), за работниците за кои побарува финансиска поддршка, во полето 3.4б. од МПИН образецот внесува шифра 5000. За внесување на шифрата 5000 во полето 3.4б од МПИН образецот, преземете ја новата верзија на клиентски софтвер (ТУКА).

Работодавачот НЕ може да користи финансиска поддршка за исплата на плати доколку користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност (за мерките од проектот „Македонија вработува“) и доколку вработува работник за дополнително работење, согласно со членот 121 од Законот за работните односи.

По обработката на МПИН образецот, Управата за јавни приходи го информира работодавачот за вкупниот износ на финансиска поддршка како и бројот на вработени лица, за кои се квалификувал за исплата на финансиската поддршка за соодветниот месец.

Управата за јавни приходи ја известува Владата на Република Северна Македонија за работодавачите кои ги исполниле условите за финансиска поддршка за исплата на платите, по што следи исплата на финансиската поддршка.

Работодавачите по прием на финансиската поддршка имаат обврска за исплата на платата за месецот за кој побарувале финансиска поддршка.

Субвенционирање на износ за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување

Врз основа на Уредбата со Законска сила за субвенционирање на износ за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба, на работодавач, за секој осигуреник, за месеците април, мај и јуни 2020 година, му се субвенционира износ за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување во висина од 50% од пресметаните придонеси од задолжително социјално осигурување од страна на обврзникот, но најмногу до 50% од придонесите од задолжително социјално осигурување пресметани на просечната бруто плата по работник во Република Северна Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика објавена во месец јануари 2020 година.

За остварување на правото на субвенционирање, работодавачот со комплетно Барање за субвенционирање на износ за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување (образец БС-ПЗСО), до Управата за јавни приходи во Месечната пресметка за интегрирана наплата (МПИН образец), за осигуреникот за коj бара субвенционирање на плаќањето на придонеси во полето 3.23 внесува шифра 620.

Управата за јавни приходи, за осигурениците за кои е одобрено субвенционирање, го намалува износот на обврската за плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за износот на одобреното субвенционирање на придонесите.

Субвенционирање на износот за исплата на 50% од придонесите од задолжително социјално осигурување согласно оваа уредба со законска сила, не може да се оствари доколку работодавачот користи финансиска поддршка заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година, освен работодавачите кои ги вршат дејностите наведени согласно со Националната класификација на дејности – НКД Рев. 2: угостителска дејност (шифра 56 – дејности за подготовка и служење на храна), туризам (шифра 79 – туристички агенции организатори на патувања (туроператори) и останати резервациски услуги како и дејностите поврзани со нив и шифра 55 – објекти за сместување) и транспорт (шифра 49 – копнен транспорт и цевоводен транспорт, шифра 50 – воден транспорт, шифра 51 – воздухопловен транспорт и шифра 52 – складирање и помошни дејности во превозот) кој за 2018 и 2019 година немаат искажано загуба после оданочување и немаат неплатени јавни давачки (данок на додадена вредност, данок на добивка, данок на личен доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, како и акцизи и царини) согласно со објавената Листата на должници на доспеани и неплатени долгови бр. 03/2020 објавена на веб страната на Управата за јавни приходи и заклучно со 29.02.2020 година не доцнел со плаќање на обврските по основ на кредити подолго од 90 дена од денот на достасаноста, согласно податоците за задолженост од соодветен регистар/биро.

Субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување согласно оваа уредба со законска сила не може да се користи истовремено за вработен за кој работодавачот користи субвенционирање согласно Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата.

Износот на одобрените субвенции на придонеси во претходниот месец го уплатува Министерството за труд и социјална политика на посебни сметки за придонеси од задолжително социјално осигурување.

Ако работодавачот согласно условите од уредбата, покрај оваа мерка користи друга мерка за ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и данок на доход за која се користи шифра во полето 3.23, тогаш работодавачот ја внесува шифрата за ослободување во полето 3.23 со податоците за пресметана плата, а за внесување на шифрата 620 во поле 3.23 се пополнува втор ред, со ист реден број како и првиот ред, се внесуваат основните податоци за лицето (ЕМБГ, име, презиме, општина), потоа шифрата за вид на стаж, шифрата 620 во поле 3.23, во полето 3.30 се пополнува истиот реден број и бројот на трансакциска сметка.

Комбинирање на мерките за финансиска поддршка за исплата на плати и субвенционирање на исплата на придонеси за задолжително социјално осигурување

За комбинирање на мерките, работодавачите кои ги исполнуваат наведените услови, треба да имаат комплетно барање (образец БФП-ИП) и барање (образец БС-ПЗСО) за финансиска поддршка за исплата на плати и субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување и во МПИН образецот во полето 3.4б. од МПИН образецот внесува шифра 5000, а во полето 3.23 внесува шифра 620.

Напомена: За користење на финансиска поддршка за исплата на плати или субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, за вработени преку Приватна агенција за вработување, барањето го поднесува работодавачот корисник, додека МПИН пресметката се поднесува од Приватна агенција за вработување.

Препорака е поднесувањето на МПИН образецот од страна на Приватни агенции за вработување и работодавачи со поголем број вработени (над 400 вработени), да ги доставуваат МПИН обрасците на е-пошта на даночните службеници, за побрза обработка.

Линк до новиот клинетски софтвер: http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/81

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.