УЈП повеќе од една седмица го ажурира системот МојДДВ, граѓаните револтирани, сметките за јули им пропаднаа

Повеќе од една недела трае ажурирањето на системот МојДДВ на Управата за јавни приходи (УЈП). Тоа значи дека граѓаните за толку време не можат да ги скенираат своите сметки од јули, односно не можат на потрошените пари да добијат поврат на ДДВ, како што беше во изминатите 3 години. А, исто така е неизвесно, кога ќе можат да го сторат тоа, затоа што УЈП сѐ уште ја „приспособува апликацијата“ според „можностите на сите модели на телефони“ (???), а што досега не беше никаква пречка за функцинирање на МојДДВ.

-До крајот на неделата очекуваме да се заврши процесот на прилагодување, тимот на УЈП е ангажиран со цел во најкраток рок да се заврши овој процес на прилагодување на апликацијата Мој ДДВ, велат од УЈП, по реакциите на граѓаните дека апликацијата не функционира и дека дел од нив и немаат пристап до системот воопшто, објави Фокус одговор од УЈП.

– Прво не ги скенираше сметките за гориво кои имаат поголем поврат, а потоа, ниту било која друга сметка, а сега воопшто и не можам да се логирам, коментираат многу граѓани.

Бурни се нивните реакциите на социјалните мрежи, каде се коментира дека ова не е фер и дека се прави намерно од страна на институциите за да не можат да ги вратат парите, затоа што ги немаат во Буџетот.

– Очекуваат на 40 степени да одиме да скенираме на нивните пунктови за да скенираме, па навистина тоа не е хумано, коментираат дел од нив.

Од УЈП смируваат и велат дека ќе ја информира јавноста кога ќе заврши процесот на ажурирање на софтверот и корисниците повторно ќе можат да користат напреден начин на скенирање.

– Се молат граѓаните, корисници на апликацијата да имаат разбирање додека трае процесот на прилагодување, додаваат од УЈП.

Мерката МојДДВ се воведе во јули 2019 година за граѓаните и процент од ДДВ од потрошените средства, односно од скенираните фискални сметки, се враќаат кај граѓаните на трансакциска смета.

– Секој телефон, има свој софтвер за читање бар кодови. Но, овој основен начин на скенирање, базиран на можностите на телефонот, не е доволен за сите граѓани да можат брзо и ефикасно да ги скенираат бар кодовите од фискалните сметки. Затоа УЈП во апликацијата мојДДВ, користи дополнителна надградба на софтверот за да се овозможи напреден начин на скенирање, со што ќе се изедначат можностите на сите граѓани, без разлика каков телефон поседуваат. Но, со менувањето на технологијата е потребно и унапредување на напредниот начин на скенирање. Поради прилагодувањето на апликацијата на новиот технолошки развој, на понапредниот начин на скенирање, во моментов е возможно да се користи единствено бар код читачот кој го овозможува телефонот, велат од УЈП.

Во однос на фискалните сметки, тие велат дека тие имаат важност и може да се скенираат во рок од десет дена од издавањето, до кога очекуваат и да се заврши процесот на прилагодување.

Во меѓувреме, ако има сметки кои се издадени пред 21 јули, 2022 година и не се скенирани пред да почне процесот на прилагодување, истите, според УЈП, ќе може да ги скенираат на бар код читачите или киосците кои се поставени во просториите на Управата за јавни приходи.