Јуанот во 2022-ра сочинувал речиси четвртина во рускиот извоз

Кинескиот јуан во текот на минатата 2022 година сочинувал речиси четвртина од плаќањата во рускиот извоз, објави во четвртокот руската централна банка, исто така истакнувајќи дека неговиот удел пораснал во девизното работење во февруари годинава.

Уделот на јуанот скокнал од само 4 на дури 23 отсто во вкупните плаќања од рускиот увоз во 2022 година покажуваат податоците на руската централна банка. Кинеската валута, така, преземала значителна улога во плаќањата, намалувајќи го приматот на американскиот долар кој го заземаше убедливото прво место од распадот на Советскиот сојуз во 1991 година, забележува Reuters/

Уделот на домашната валута рубљата паднал од 29 на 27 отсто, соопшти банката, Во февруари уделот на валутната двојка долар-рубља во операциите на пазарот во Русија паднал на 36 отсто, најниското ниво наназад со години, наведува централната банка во извештајот за ризиците на финансиските пазари. Уделот во валутните двојки јуан-рубља и јуан-долари пораснал, пак, од 33 на 37 отсто.

„Обемот на девизните операции во ‘токсичните’ валути продолжува да се намалува“, се додава во заклучокот на руската централна банка.

Руските банки во февруари го ограничиле пристапот до доларската ликвидност во очекувањето на новите западни санкции, што накусо предизвикало недостиг од девизи. Извозниците, пак, поради падот на цените на енергијата ја намалиле продажбата на девизите на 7,8 милијарди долари.

На почетокот од март, по воведување на новите западни санкции поради инвазијата во Украина, ликвидноста се подобрила, се додава во извештајот.

Русија најави дека од 7-ми март до 6-ти април дневно ќе продава јуани во вредност од 5,4 милијарди рубљи за да ги надомести помалите приходи од нафтата и гасот.