Од МВР соопштија дека е уапсен вториот напаѓач на Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, кој беше претепан минатиот месец во Охрид.
Станува збор за битолчанец, осомничен кој е приведен од страна на охридската полиција. Според првичните информации, тој се сомничи за тешка телесна повреда.
„На 21.2.2023, во 17 часот, полициски службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода Б. А. (23) од Битола. Тој бил баран по централна потерница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело тешка телесна повреда по член 131 од Кривичниот законик. Тој бил задржан во полициска станица и ќе биде предаден на надлежното ОЈО“, гласи извештајот на МВР.
Илија Спасески, кој беше прв уапсен напаѓач на Пендиков, од вчера повеќе не е во притвор. Судското рочиште за него е закажано за 28 февруари.