Уапсен крадец баран по потерница, осуден на 20 години казна затвор

Полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје вчера на булеварот „Борис Трајковски“ го лишиле од слобода Т.Б. (36) од Штип кој бил осуден на 20 години казна затвор за сторени повеќе кривични дела „тешка кражба“ по член 236 од Кривичниот законик.

Според МВР, Т.Б. бил баран по централна потерница врз основа на наредба од Казнено-поправната установа Затвор Идризово, каде имал за доиздржување седум години и четири месеци од казната. Исто така, бил баран и поради сомнение за извршена тешка кражба во куќа на бул.„Партизански одреди“ во Скопје. Притоа, кај него биле пронајдени предмети за кои постои и сомнение дека потекнуваат од кривични дела.

Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Идризово за доиздржување на казната, а по целосно документирање на случаите, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.