Уапсен осомничен за убиството на бугарската новинарка

Бугарската полиција денеска уапси романски државјанин, осомничен за бруталното убиство на новинарката на локалната телевизија ТВН во градот Русе, Викторија Маринова.

 

Оваа вест ја пренесе Бугарското национално радио кое повикувајќи се на неименуван извор од Министерството за внатрешни работи на Бугарија, соопшти дека уапсениот е романски државјанин со пасош од Молдавија. Други детали не се соопштени.

Бугарските власти во меѓувреме отвориле истрага во врска со сомнежите за злоупотреба на пари од ЕУ-фондовите, по убиството на телевизиската новинарка Викторија Маринова, чие тело беше најдено пред три дена покрај реката Дунав, во нејзиниот роден град Русе.

„Обвинителите ја испитуваат Групацијата ГП, компанија која беше предмет на истражување во емисијата „Детектор“ на Маринова. Групацијата ГП е осомничена за наводна злоупотреба на средства на Европската Унија. На оваа компанија и се замрзнати 16 милиони долари.“ – веклат од Министерство за внатрешни работи на Бугарија.

Во авторската емисија „Детектор“, Маринова истражуваше случаи на корупција и злоупотреба на европските фондови во земјата. Безживотното тело на 30-годишната Маринова беше најдено во парк на 6 октомври во близина на Дунав во градот Русе, по што Европската комисија веднаш побара брза и темелна истрага.