Уапсен поранешниот државен обвинител на Мексико

Поранешниот мексикански главен државен обвинител Хезус Муриљо, кој ја извршуваше оваа функција во мандатот на поранешниот претседател Енрике Пења Нието, е уапсен под обвинение за присилни исчезнување, мачење и попречување на правдата во случајот на исчезнување на 43 студенти во 2014 година, соопштија мексиканските власти.

Канцеларијата на главниот државен обвинител објави во соопштение дека федералната полиција го спровела налогот на апсење на Хезус М., а извор од обвинителството за агенцијата Reuters потврдил дека станува збор за Муриљо, кој во септември 2015 година ги прогласи за мртви исчезнатите студенти.

На должноста гладен државен обвинител Муриљо стапи во 2012-та и ја извршуваше до 2015 година. Во тој период ја надгледуваше силно критикуваната истрага во случајот на исчезнување на 43 студенти во 2014 година.

Меѓународни правни стручњаци ја критикуваа официјалната истрага за која тврдеа дека е полна со грешки и злоупотреби, а актуелниот мексикански претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор при преземањето на должноста во 2018 година вети дека ќе расчисти што се случувало во случајот на исчезнувањето на студентите.

Групата од 43 студенти исезна на 26-ти септември 2014 година во мексиканскиот град Игуала, во државата Гереро, откако за време на протест биле приведени од страна на полицијата. Овој случај предизвика масовни протести во Мексико и реакции од целиот свет.