Уапсен поранешниот надбискуп на Хонгконг, ја загрозувал националната безбедност

Поранешниот надбискуп на Хонгконг, кардиналот Џозеф Зен е уапсен  во средата под сомнение дека тајно соработувал со странски сили за загрозување на националната безбедност на Кина.

Покрај кардиналот Зен, уапсени се и пејачката Дениз Хо, адвокатката Маргаерт Нг и научникот Хуи По-кунг. Сите уапсени учествуваа во работата на Фондот за правна помош на учесниците во продемократските протести во 2019 година. Фондот згасна минатата година.

Апсењата уследија по неодамнешниот избор на поранешниот секретар за безбедност Џон Ли за нов шеф на администрацијата на Хонгконг.

Вишиот истражувач на Хјуман Рајтс Воч, Маја Ванг, изјави дека апсењето на кардиналот Зен за мирни активности е „шокантно“ и го покажува „слободниот пад на градот во почитувањето на човековите права во изминатите две години“.