Уапсен руски стручњак за хиперсонични технологии, осомничен за предавство

Еден од водечките руски стручњаци за развој на хиперсонични технологии е уапсен и осомничен за предавство, известуваат во петокот руските медиуми.

Андреј Шиплјук, шеф на лабораторија за хиперсонични технологии при Институтот за теоретска и применета механика во Новосибирск, последните години бил ангажиран на координација на истражувањата во врска со развој од сегмент на хиперсоничните ракетни системи.

Според, медиумите кои се повикуваат на изјави од колеги на уапсениот, на институтот бил извршен претрес. Засега нема информации во чија полза работел Шиплјук или, пак, станува збор за понуда за предавање на документација на прикриени агенти на внатрешното разузнавање.

Минатиот месец, Дмитриј Колкер, физичар од истиот институт во Новосибирск, почина од карцином на штитната жлезда откако беше уапсен исто така под сомнение за сторено предавство.

Како што е наведено на веб-страницата на институтот, Шиплјук е дописен член на Руската академија на науките, доктор по физичко-математички науки, истакнат специјалист во областа на аерогаснатадинамика со голема брзина и експериментални методи за проучување на протокот на гас.

Шиплјук е одговорен за Лабораторијата за хиперсонични технологии, која има уникатни хиперсонични аеродинамички капацитети дизајнирани да ги проучуваат основните и применетите проблеми на хиперсоничниот лет, се вели на веб-страницата.

Под негово водство на институтот се спроведувале истражувања „во широк опсег на фундаментални и применети проблеми поврзани со хиперсонични текови и насочени кон создавање напредни хиперсонични ракетни системи“ во полза на водечките одбранбени организации на Русија.

Главните научни насоки на истражувањето на Шиплјук се поврзани со развојот на експерименталната база и методите на аерофизичко истражување, проучувањето на брановите процеси кои предизвикуваат транзиција на ламинарен проток во турбулентен и методи за контролирање на овие процеси при хиперсонични брзини на летот, со експериментална аеротермодинамика на хиперсонични авиони со рам-џет мотори.