Уапсени 100 турски полициски функционери – го прислушкувале Ердоган

Во Турција се уапсени 100 полициски функционери поради сомневање дека илегално прислушкувале истакнати политичари вклучувајќи го и премиерот Реџеп Таир Ердоган.

Поголемиот број активни и поранешни истакнати полициски функционери се уапсени во Анкара, Измир и Дијарбакир. Ова е, како што наведува АФП, најнова акција на власта против противниците на турскиот премиер Ердоган пред претседателските избори на 10 август.

Дневниот турски весник Хуриет наведува дека рациите истовремено се извршени во дури 22 градови. Само во Истанбул се извршени претреси на 200 локации. Уапсените се сомничат за шпионажа, неовластено прислушкување, кривотворење на официјани документи, кршење на кравата на приватност, фабрикување на докази и кршење на тајноста на истрагата, се наведува во турските медиуми.

Премиерот Ердоган ги обвинува приврзаниците на својот поранешен сојузни Фетулах Гулен дека имаат преголемо влијание во турската полиција и судството и дека пред локалните избори во март му наместиле корупциски скандал за да го симнат од власт.