Две момчиња се уапсени под сомневање дека учествувале во убиството на северноирската новинарка Лајр Мекки во текот на безредијата во Лондондери, објави полицијата во саботата.
Мекки, наградувана 29-годишна новинарка која пишувала книга за исчезнувањето на младите во текот на децениите судири во Северна Ирска, беше убиена во четвртокот вечерта додека ги следела младите ирски националисти како ја напаѓат полицијата по рацијата пред Велигден.
„Тимот иследници уапси двајца мажи, на возраст од 18 и 19 години според Законот за тероризам, поради сомневања дека учествувале во убиството“, објави во писмено соопштение северноирската полиција.
Политичките партии во Северна Ирска заеднички го осудија нападот иако се разединети, бидејќи националистите сакаат приклучување на Република Ирска која е членка на Европската унија, а унионистите сакаат останување како покраина на Обединетото Кралство, а тоа се доживува и како судир меѓу католичките и протестантските верници. Во заедничката изјава сите шест партии порачаа дека се „обединети во отфрлањето на оние кои се одговорни за овој гнасен чин“.
Британската премиерка Тереза Меј во петокот го опиша нападот како „шокантен и вистински бесчувствителен“.
Поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон, како еден од клучните учесници за постигнување на мировниот Договор од Велики петок во 1998 година, исто така, го осуди нападот. Договорот од 1998 гподина главно стави крај на повеќедецениските судири во кои загинаа речиси 3.600 луѓе. Меѓутоа, во оваа област и натаму делуваат помали милитантни групи кои повремено организираат напади.
Полицијата верува дека нападот од четвртокот го организирала мала група од некогашната Ирка републиканска армија (IRA) за која се верува дека се „дисиденти“ од ирските националисти и милитантни противници на Договорот од Велики петок. Истата групација полицијата ја обвини и за подметнување автомобил-бомба пред судот во Лондондери во јануари годинава.
Политичката партија којашто ја доведуваат во поврзаност со дисидентските милитанти – Саорад, во изјава во петокот порача дека сметаат дека Мекки случајно ја усмртил „републикански доброволец“.
Мекки со група луѓе ги набљудувала младите луѓе во Лондондери кои ја нападнаа полицијата со молотови коктели и запалија неколку возила. Мекки е погодена кога напаѓачите почнале да пукаат во насока на полицијата, соопшти северноирската полиција.
Мишел Барние, главниот преговарач на ЕУ за брегзитот, рече дека мировниот договор мора да се одржи. „Трагичното убиство на Лајр Мекки е потсетник за тоа колку е кревок мирот во Северна Ирска“, рече Барние.