Уапсени напаѓачот и помагачите при обид за убиство на сопственик на кафуле во Дебар

Косовски државјанин и двајца македонски државјани заработија кривични пријави под сомнение за убиство во обид и помагање на сторителот, за инцидентот што на 30 декември се случи во кафе бар во строгиот центар на Дебар.

– Одделението за внатрешни работи во Дебар поднесе кривична пријава против В.К. (48), државјанин на Косово, поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „убиство во обид“ како и против А.С.(40) од Дебар и У.Д.(69) од тетовското село Јажинце, за „помагање на сторител по извршено кривично дело – информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

На 30 декември 2020 во 9.45 часот, Косовецот влегол во угостителски објект на улицата Братство eдинство во Дебар и со нож го нападнал Б.П.(48) од Дебар, а потоа избегал со возило обезбедено од двајцата македонски државјани.

Истиот ден во 17.30 часот на граничниот премин „Јажинце“, по извршена проверка, во врска со сторено кривично дело „убиство во обид“ по член 123 во врска со член 19 од Кривичниот законик од слобода беа лишени А.С.(40) од Дебар, со место на живеење во Република Косово и У.Д.(69) од с. Јажинце, тетовско.

На сопственикот на кафе барот, Б.П. како што потврдија од Општата болница, му биле нанесени убодни рани со нож и тоа убодна отворена рана на вратот од левата страна, убодна рана на десната страна на градниот кош и помала исеченица на десната рака.

По дадената прва медицинска помош повредениот беше транспортиран во Клинички центар во Скопје и тој се чувствува добро.