Уапсени шестмина дилери на дрога во Прилеп, вмешани и полицајци

Приведени се шест лица од Прилеп за продажба на хероин, кокаин и амфетамин, а запленети се и возила и пари кои според полицијата потекнуваат од продажбата на дрогата. Криминалната група соработувала и со полицајци кои ги користеле да не се превземат мерки против нив.

Портпаролот на МВР Тони Ангеловски, денеска на прес-конференција соопшти дека  секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи во координација со Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ОВР – Прилеп, по насоки на јавен обвинител од ОЈО – Прилеп, изминатиот период, од септември 2020 година, спровеле криминалистичка истрага за повеќе лица  инволвирани во недозволена продажба на дрога на подрачјето на Прилеп како и дека организаторите остварувале тесни врски и со полициски службеници, врз кои влијаеле да не превземаат службени дејствија.

– Во текот на истрагата се обезбедени докази за криминалната група при што лишени се од слобода шест лица, а во текот на вчерашниот ден извршени се претреси на 16 локации, а лишени се од слобода шест лица и одземени три возила, пари за кои постојат докази дека потекнуваат од продажба на дрога, марихуана, кокаин, мобилни телефони и други предмети: П.А. (31), од кого се одзмени и возило „БМВ 5“, пари и мобилни телефони, Д.А. (32) од кого се одземени џип, пари и мобилен телефон, Ј.Џ. (41), В.Ј.(32), од кого е одземена дрога и мобилен телефон, Д.А. (35), од кого се одземени возило „БМВ“, пари и мобилен телефон и Р.М. (34)“ – рече Ангеловски.

Истрагата продолжува со цел утврдување на кривична одговорност и на полициските службеници, како и кон другите лица за кои постојат основи на сомневање дека се инволвирани во трговија со дрога.