Уапсени скопски крадци на луксузен џип

Двајца скопјани биле уапсени од полицијата под сомнение дека минатиот месец украле луксузен џип во населнбата Тафталиџе, соопшти МВР.

Секторот за внатрешни работи Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против И.Р. (28) и З.Ф. (31), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека извршиле кривично дело – „тешка кражба“, предвидено и казниво по член 236 од Кривичниот законик на Република Македонија. Лицето З.Ф. бил на издржување казна затвор во Казнено поправниот дом Идризово, а делото го извршил кога имал право на дневен излез од затвор. Имено, на 13-ти минатиот месец, околу 08.40 часот И.Р. и З.Ф. се движеле пеш по улица „Московска“ и забележале како пред тобако се паркирало патничко возило-џип „Ланд Ровер“ и дека сопственикот влегол да пазари во тобакото, а џипот го оставил да работи. Тие ја искористиле приликата, влегле во возилото, го одзеле и побегнале во непознат правец. Сопственикот ги забележал како влегуваат во возилото и се обидел да ги спречи, се фатил за рачката од совозачката врата за да ја отвори, но пријавените успеале да побегнат.
Веднаш по добивање на пријавата, била започната потрага и возилото со пријавените било забележано и следено од Скопје до селото Ласкарци. По пристигнување во селото Ласкарци, И.Р. и З.Ф. ја намалиле брзината, скокнале од возилото и избегале. Возилото му било вратено на сопственикот, а со направените ДНК и други вештачења било утврдено дека И.Р. бил учесник во настанот. Тој во целост го признал и појаснил извршувањето на кривичното дело. Исто така од Казнено поправната установа Идризово, во Полициската станица Карпош бил донесен З.Ф., кој бил препознаен од оштетениот, се вели во полициската информација.