Убедливо НЕ на Грците за барањата на меѓународните кредитори

Убедливо НЕ на Грците за барањата на меѓународните кредитори

Со убедливо мнозинство, на денешниот референдум Грците рекоа НЕ за условите што од нив ги бараат меѓународните кредитори, јавува дописникот на Нетпрес од Атина. Досега се пребројани над 83 проценти од гласовите, од кои што 61 отсто гласале со НЕ, наспроти 38 отсто кои што гласале со ДА.

На централниот плоштад Синтагма веќе неколку часови се слави, таму се собрани илјадници граѓани кои што го прославуваат исходот од денешниот референум и грчкото НЕ за барањата на Тројката.

–  Од утре, со храброто НЕ што грчкиот народ ни го довери, ние ќе ја подадеме раката за помош кон нашите кредитори. Со секој од нив ќе се обидеме да најдеме заедничка основа. Од утре Европа, чие срце вечерва бие во Грција, ќе почне да ги лекува своите рани и нашите рани. Денешното НЕ е големо ДА за демократска Европа, изјави грчкиот министер за финансии Јанис Варуфаис непосредно по објавувањето на првичните официјални резултати од референдумот.

А што ќе се случува од утре ? Ова прашање отвара многу дилеми и неизвесности, особено околу ликвидноста на банките и текот на преговорите со меѓународните кредитори.  Но едно е сигурно , а тоа е дека резултатите од денешниот референдум ја зацврстија позицијата на премиерот Алексис Ципрас кој што најави дека ваквото сценарио ќе и овозможи на Грција уште утре да седне на преговарачка маса и да побара подобри услови од меѓународните кредитори во интерес на граѓаните.