Транспортната платформа „Uber“ е казнета со 290 милиони евра во Холандија поради испраќање на личните податоци на европските таксисти во САД, што е спротивно на законите на Европската униај, објави во понеделникот холандската агенција за заштита на податоци DPA.
„Uber ги пренесе личните податоци на европските таксисти во САД и не успеа соодветно да ги заштити податоците. Ова е сериозно прекршување на GDPR“, се во објавата на DPA.
Агенцијата наведе дека „Uber“ оттогаш ја прекинал оваа практика. Истрагата е покрената по жалба на француски таксисти.
Францускиот национален регулатор за заштита на податоци CNIL во посебна изјава наведува дека соработувал со својот партнер во Холандија, каде што се наоѓа главниот европски центар на „Uber“.
„Оваа погрешна одлука и вонредна казна се целосно неоправдани. Процесот на прекуграничен пренос на податоци на Uber беше усогласен со Општата регулатива за заштита на податоците на ЕУ (GDPR) во текот на тригодишниот период на голема неизвесност меѓу ЕУ и САД. Ќе поднесеме жалба и остануваме уверени дека здравиот разум ќе надвладее“, изјавил портпаролот на „Uber“.