Убиен Бразилецот кој што ги штитеше племињата во Амазонија

Полицијата во Бразил го истражува убиството на активист кој ги бранел домородците во Амазонија од земјоделците и дрвосечачите кои се обидуваат да ја заземат нивната земја. Активистот Максиел Переира дос Сантос, бил застрелан со два истрела во главата додека возел мотор во градот Табатинга, во близина на бразилската граница со Колумбија и Перу.

Како што соопштија од полицијата, свирепото убиство се случило пред челнови на неговото семејство.

Сантос е убиен за одмазда поради неговиот ангажман во резерватот Вале до Жавари, каде што со години помагаше во спречувањето на ловците, земјоделците и дрвосечачите илегално да влезат во тоа подрачје. Инаку, тој резерват е познат како дом на најголем број автохтони домородни племиња.

Бразилските активисти за заштита на земјата и животната средина честопати се мета на претставниците на рударската и дрвната индустрија, па така само во 2017 година во Бразил беа убиени 57 активисти, од вкупно 201 во целиот свет.

Ова убиство доаѓа во време кога кога меѓународната јавност изразува сериозно негодување поради степенот на уништување на амазонската прашума во Бразил, каде што од јануари до август годинава се забележани најмалку 80 илјади пожари, што е двојно повеќе во однос на истиот период лани.