Убиен полицаец во БиХ, осомничен поранешен муџахедин

Босанскохерцеговските власти осомничија поранешен муџахедински борец Един Гачиќ дека саботата ноќта убил федерален полицаец во Суходол во Сараевската жупанија, само десет километри од местото каде што во понеделникот убил сопственик на продавница во Коњиц, неговата трета жртва.

Како што објави електронското издание на весникот Dnevni Avaz, во полицаецот Махир Бегиќ, кој обезбедувал објект на Федералната управа на полицијата (FUP) во местото Сиходол во Тарчин, напаѓачот во доцните вечерни часови истрелал повеќе куршуми од засега непознато оружје.

Полицаецот со тешки рани и во локва крв бил најден од колега кој дошол на смена. Според истиот извор, ранетиот полицаец до доаѓањето на екипа на Итната медицинска помош им подлегнал на повредите. Се додава и дека убиениот полицаец се борел со убиецот, имајќи предвид дека на неговото тело биле видливи и исекотини.

Исчезнал и службениот пиштол на полицаецот. На полицијата набрзо по инцидентот било пријавено дека на локалитетот Ушивак, кај Хаџиќи, е виден убиецот Един Гачиќ. На местото на нападот има многу полициски екипи кои трагаат по убиецот. Се сомнева дека новото, четврто убиство го сторил токму споменатиот поранешен муџахедински борец по кој полицијата трага веќе шест дена, поради ликвидацијата на Сауд Султаниќ., кого го убил во понеделникот во Подорашац, кај Коњиц.

Гачиќ кон крајот на војната во БиХ убил соборец од единициата ел-Муџахид на Армијата на БиХ, позната по бруталните егзекуции и отсекувањата на глави по што е осуден на осумгодишната затворска казна. Би помилуван во 2000 година од тогашниот претседател на Федерацијата БиХ, Ејуп Ганиќ од Партијата на демократска акција (SDA) и му ја намалил казната затвор за една година.

Откако излегол од затвор во 2002 година ја убил мајка си во Зеница, и во 2003 година е осуден на 20 години затвор. По издржувањето на две третини од казната е пуштен од затворот во Бихаќ. Управата на тамошниот затвор предупредила дека Гачиќ, за кого се тврди дека боледува од шизофренично нарушување, би можел да изврши убиства, но властите го игнорирале ова предупредување.