Убиени и запалени најмалку 19 луѓе во Мексико близу границата со САД

Најдени се најмалку 19 јагленисани тела во Мексико, недалеку од границата со САД, во област каде што се чести конфликтите меѓу нарко-картелите, објави канцеларијата на обвинителот на државата Тамаулипас.

Како што јавуваат медиумите од регионот, две запалени возила со човечки остатоци беа пронајдени на споредниот пат недалеку од градот Кармага.

Жртвите биле убиени со огнено оружје, а потоа биле запалени, покажаа првите резултати од истрагата. Полицијата посочува дека на местото на злосторството не биле пронајдени чаури, што укажува на можноста жртвите да биле убиени на друга локација. Се претпоставува дека се работи за мигранти од Гватемала, но истрагата се уште трае за да се потврдат овие податоци.

Градот Кармаго има околу 15.000 жители и се наоѓа на границата со американската држава Тексас.