Убиениот саудиски новинар Кашоги доби улица во Вашингтон

Во чест на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги, кој на брутален начин беше убиен од платеници во Турција, улицата на која во Вашингтон се наоѓа амбасадата на Саудиска Арабија ќе биде преименувана со неговото име, соопштија локалните власти.

Вашингтонските советници ја изгласаа оваа иницијатива, со која дел од улицата Њу Хемпшир, каде што се наоѓаат саудиската амбасада и хотелот Вотергејт, се преименува во Џамал ​​Кашоги.

Кашоги, кој важеше за критичар на саудиската Влада, со која, патем, некогаш беше многу близок, а кој живееше во САД и работеше за Вашингтон пост, беше убиен на 2 октомври 2018 година во саудискиот конзулат во Истанбул од група платеници од монархијата. Неговото распарчено тело никогаш не беше пронајдено.

Извештај на американската разузнавачка служба го обвинува саудискиот престолонаследник Мохамед бен Салман дека го одобрил атентатот.

„Со именувањето на улицата каде се наоѓа амбасадата на Саудиска Арабија во чест на Џамал ​​Кашоги, Вашингтон крева споменик на неговиот спомен кој не може да се избрише“, се наведува во соопштението на градското собрание на Вашингтон.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.