Убиениот во Бутел 2 Камер Идризи, ѝ бил познат на полицијата

Мажот убиен во пукањето во средата ноќта во скопската населба Бутел 2, е 43-годишниот Камер Идризи од Скопје, велат доброупатени извори, кој ѝ бил познат на полицијата по пукањето во хотелот „Александар палас“ во 2019 година.

Убиството се случи доцна синоќа на раскрсницата од булеварите „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски Карпош“. Од возило во движење било пукано во автомобил марка „голф“ во кое се превезувале Идризи и неговиот внук. Неофицијално станува збор за лица од таканаречениот клан „Камер“.

„Кај раскрсницата од булеварите „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски-Карпош” од едно патничко возило биле испукани проектили кон патничко возило „голф“, во кое имало две лица, по што биле пренесени во Комплекс клиники “Мајка Тереза” за укажување на лекарска помош. Едното лице им подлегнало на повредите“, соооптија од МВР.

Според објавите во медиумите кои се повикуваат на полициски извори и очевидци, било пукано од возило марка „ренџ ровер“, а истрелани биле околу 90 куршуми. Според првичните неофицијални информации, две рамки од автоматска пушка „калашников“ рафално биле испукани во близина на зградите.

Идризи бил едно од лицата врз кое беше пукано во хотелот „Александар Палас“ во 2019 година. Тогаш напаѓачи со автоматско оружје и фантомки на лицето упаднаа во хотелот, а поголеми последици врз нападнатите спречил полицаец во цивил кој во тој момент седел на истата маса со нападнатите. Полицискиот службеник пукал во напаѓачите во самоодбрана, а тогаш нападната група беше од скопско Грчец.

Во текот на денот се очекуваат детали за вчерашната престрелка која ги вознемири граѓаните на Скопје.