„Охридско лето“ се отвора вечерва со концерт посветен на оперската певица Ана Липша-Тофовиќ

Со концерт посветен на оперската певица Ана Липша Тофовиќ вечерва во Античкиот театар ќе биде отворено годинешното јубилејно 60.  издание на фестивалот „Охридско лето“ кое годинава има скратена програма поради епидемијата на ковид-19.

Фестивалот годинава ќе се одржи со протокол за заштита од ширење на коронавирусот.

Марија Јелиќ

Концертот насловен „Вокални бисери – по стапките на Ана Липша“ на верната фестивалска публика ќе ѝ понуди познати светски арии, во изведба на солистите Марија Јелиќ – сопран, Дарио Ди Вјетри – тенор, Иван Томашев – бас и Аманда Стојовиќ – мецосопран во пијано придружба на Миливоје Велиќ.

Во текот на наредните 28 фестивалски дена на отворените сцени на Античкиот театар, Долни Сарај, Предворјето на „Света Софија“, како и самата црква ќе има околу 300 уметници од 19 земји, како и голем број домашни уметници.

Музичката програма на „Охридско лето“ годинава содржи 26 концерти, од кои два во фестивалската оф-програма.

На фестивалската сцена ќе настапат врвни имиња како пијанистите Наталија Трул од Русија, Кемал Гекич од САД, Фукио саксофон квартетот од Шпанија, косовскиот гитарист Петрит Чеку, италијанскиот фелјтист Масимо Мерчели, мецосопранот Викена Каменица од Албанија, Келнскиот гудачки секстет, францускиот обоист Арјан Баке, Дуо Солипс… Несекојдневен настан е концертот за четири клавири и оркестар од Чешка, од македонската сцена Марија Ѓошевска, хорскиот ансамбл „Про Арс“ со маестро Сашо Татарчевски, Гордана Јосифова-Неделковска, потоа Скопје танцов театар со Рисима Рисимикин, гала оперска вечер под раководство на диригентката Бисера Чадловска, како и женскиот балетски ансамбл и оркестар од НОБ. Веќе редовни на фестивалот се Вечерите на Музичката младина со камерниот оркестар „Саша Николовски Ѓумар“, тука е и вечерта со музиката на македонскиот композитор Томе Манчев, со нсатапите на Весна Анѓеловска, Маја Шутевска, Љубиша Кировски, Марјан Милошевски, Горан Начевски, Елена Атанасовска, Антоние Весковски, како и уште многу ексклузивни уметнички имиња.

Драмската програма започнува веќе утре со изведбата на претставата „Сестрите Прозорови“ на Чехов, во изведба на Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес. На програмата се уште изведбите на Драмски театар кој ја носи претставата „Чудесна терапија“, претставата „Човек, ѕвер и доблест“ со Театар Комедија, премиерата „Полковникот Птица“ на Народниот театар од Гостивар, преставата за деца на Театар за деца и младинци „Јованче и Марика“, а затворањето на фестивалот е резервирано за изведбата на „Бог на масакрот“ на Турскиот театар од Скопје, кој годинава слави 70-годишен јубилеј.

На Фестивалот ќе биде промовирана и монографијата „Фестивалска приказна“ од авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Роза Нолчева-Ангеловска.