Учам да живеам со болеста, ова сум сега јас, вели Селин Дион за својата состојба

Канадската поп-пејачка Селин Дион се најде на насловната страница на француското издание на „Вог“. Во интервјуто за списанието, таа проговори за своето невролошко заболување наречено Синдром на вкочанета личност. Болеста ѝ беше дијагностицирана есента 2022 година.

– Не сум ја победила болеста, таа сѐ уште е во мене и секогаш ќе биде. Се надевам дека ќе се случи чудо, дека ќе најдеме начин да ја излечиме преку научно истражување, но токму сега, морам да научам да живеам со неа. Значи, ова сум јас сега – со синдромот на вкочанета личност, изјави Дион.

Таа потоа раскажува како изгледа нејзиниот живот по дијагнозата.

– Во неделата, пет дена одам на атлетска, физичка и гласовна терапија. Работам на прстите на рацете, на нозете, колената, листовите, пеам… Гласот… Морам да научам да живеам со тоа сега и да престанам да се преиспитувам себеси. На почетокот се прашував: „Зошто јас? Како се случи ова? Што направив? Дали е моја вина?“, се потсетува пејачката.

Таа вели дека сега има два избора – да тренира или целосно да се повлече.

– Животот не дава никакви одговори. Само треба да го живеете. Ја имам оваа болест од непозната причина. Како што ја гледам, имам два избора. Или ќе тренирам како спортист и ќе работам напорно, или „се исклучувам“ и останувам дома… Значи, ги слушам моите песни, стоејќи пред огледалото и ги пеам со цело тело и душа, со медицинскиот тим, повторно, нагласи Селин.

Таа има голема поддршка од семејството и од децата.

– Пред сè, љубовта на моето семејство и моите деца, љубовта на обожавателите и поддршката на мојот тим – сè тоа ме крепи. Луѓето кои страдаат од СПС (кретенка за болеста, з.п.), можеби немаат доволно среќа или имаат средства да имаат добри лекари и добри третмани. Тоа е дар, знам дека ништо нема да ме спречи, појасни таа.

На прашањето дали ќе се врати на сцената, Селин сè уште нема конкретен одговор.