Учебната година ќе почне на први октомври

Новата учебна година наместо на први септември ќе почне на први октомври, а Министерството за образование и наука ќе треба да го промени календарот за учебната 2020/2021 година, одлучила во средата Владата.

Како што соопшти владината прес-служба, денеска владата ги усвои протоколите за постапување на основните училишта и средните училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година.

Владата донела и одлука за формирање на работна група која ќе ја следи состојбата и ќе дава мислење за подготвеноста на основните и средните училишта за спроведување на наставата во услови на ковид-19 по поднесени барања од страна на основачот на училиштето за организирање на настава со физичко присуство, како исклучок од задолжителната онлајн настава за учениците од четврто одделение во основното образование и за учениците до четврта година во средното.

Во работната група ќе учествуваат претставници од Министерството за здравство, Министерството за образование и наука и од Канцеларијата на претседателот на Владата.

Во рамките на заклучоците по оваа точка, Владата го задолжи Министерството за образование и наука да го промени календарот за учебната 2020/2021 година со што наставниот процес наместо на 1-ви септември да започне на 1-ви октомври 2020 година.

Претходно во средата мандатарот Зоран Заев на прес-конференција, по доставувањето на предлогот за новата влада во Собранието, го најави таквото решение, кое во моментов техничката влада предводена од Оливер Спасовски во меѓувреме го усвоила.

„Тенденцијата на подготовките поради здравствените протоколи ја носат работата тоа да биде на 1 октомври. На првата владина седница ќе биде донесена одлука, а ќе следуваат и законски измени“, изјави Заев.

Законските измени се потребни за да се смени датумот на почетокот на новата школска година, но ќе следуваат и серија мерки кои ќе треба да им ја олеснат наставата на учениците, без оглед дали таа ќе се изведува со физичко присуство или онлајн.

Мерките кои се веќе подготвени ќе бидат претставени од новата министерка за образование Мила Царовска по првата седница на новата влада следната седмица.