Учениците ќе добијат книги во ноември, најави министерот

До почетокот на ноември учениците од прво, второ, четврто и петто одделение мора да бидат снабдени со учебници – вели министерот за образование Јетон Шаќири во интервју за Радио Слободна Европа. Според него, овој процес се состои од две фази, повик за поднесување наставни програми од автори и втората фаза, ревизија на буџетот. Друг проблем е немањето на кадар. Министерот Шаќири вели дека едно од решенијата би било мотивирање на студентите преку стипендирање.

„Во законот за студентски стандард тоа го имаме за некои професии кои мислам дека треба да се прошират, каде студентите добиваат месечна стипендија од 18.000 денари. Доколку се запишат на физика, хемија, математика, тогаш ќе видиме во следниот период дали ќе можеме да ги мотивираме средношколците да се запишат на овие области“, рече Јетон Шаќири – министер за образование.

Со енергетската криза, работата е отежната и за образовните објекти, па во одредени општини почна иницијативата зимскиот распуст да трае подолго од вообичаеното, а учебната година да почне порано и да завршува подоцна. Но, одвреме-навреме се појавува и дилема во јавното мислење дали образовниот процес ќе премине од физичко присуство во учење од далечина. Шаќири не негира дека околностите ќе бидат тешки.

„Беше побарана анализа за сите основни училишта во сите општини, колку блок дотации се искористени во училиштата и колку тие блок дотации се искористени во целата општина. Доколку има неискористени бидејќи некои општини не ги искористиле блок дотациите од 2021 година, ќе ги реорганизираме за да нема прекин на образовниот процес и во декември“, додаде Јетон Шаќири – министер за образование.

Министерот Шаќири вели дека секторот за образование ќе ги искористи сите можности учењето да се одвива во физичко присуство.