Учениците ќе учат како да ја заштитат својата приватност

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорот на Дирекцијата за заштита на лични податоци, Димитар Георгиев денеска го потпишаа Меморандум за соработка за реализација на проектот „Час по приватност“.

„Со брзиот развој на информатичко-комуникациските технологии, високиот степен на развој на социјалните мрежи, интернетот и други форми на комуникации, се разви потреба од воведување на мерка за примена на концептот на заштита на личните податоци и правото на приватност во образовниот процес, како и разработка на темата за заштита на приватноста, тајност на комуникација, тајност на писма, говор на омраза, и однесување на социјалните мрежи. Една од генералните причини што, Градот Скопје се вклучува во еден ваков проект и во целост даваме поддршка за реализација, се податоците добиени од проектот за набљудување на криминалот од омраза на Македонскиот Хелсиншки комитет, според кој во 2013 година биле регистрирани 116 злосторства од омраза, а најчести сторители и жртви се токму малолетниците,“ изјави градоначалникот Коце Трајановски.

Со потпишувањето на овој Меморандум се потврдува одличната соработка и се утврдуваат заедничките активности поврзани со реализацијата на проектот „Час по приватност“, кој во следниот период ќе се спроведе во средните училишта во Град Скопје.

Директорот на Дирекцијата за заштита на лични податоци, Димитар Георгиев, го изрази своето задоволство за поддршката што Градот Скопје ја дава за проектот „Час по приватност“, и истакна дека Дирекцијата континуирано спроведува иницијативи и проекти за подигање на јавната свест, особено кај целните групи опфатени во образовниот процес.

„Нашите инспектори и едукатори ќе одржат предавања во сите средни училишта со што ќе пренесата знаења на 21 директор на средно училиште, 40 едукатори од педагошко-психолошкиот сектор, 1000 класни раководители или наставници и околу 80 000 ученици и родители. Георгиев, исто така, потенцираше дека градењето капацитети на наставниот кадар од областа на заштита на личните податоци и едукацијата на овие теми, воопшто не е лесен процес, но се надева дека со вложениот напор ќе се изградат механизми за воведување на правото за заштита на личните податоци во образовниот процес и ќе се изгради демократско општество ослободено од прекршоци кон правото на приватност,“ изјави Георгиев.