Учениците на ОOУ „Лазо Ангеловски“ отсега ќе имаат книжарница во рамките на училиштето

Во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Аеродром, вчера се отвори  книжарница на Тримакс. Таа ќе им овозможи на учениците и нивните родители полесно да ги обезбедат потребните материјали за целата училишна година, и да се заштитат учениците од непотребно изложување на опасности и преминување на булеварот.

На свечениот настан по тој повод, в.д. директорката м-р Магдалена Петреска, ја истакна одличната соработка со Тримакс и значењето на новоотворената книжарница токму во училишен двор, како и улогата на општината и на нивната визија за подобрување на работата на училиштата и на образованието во целата општина. Таа изрази благодарност и до Училишниот одбор и до Советот на родители за нивната поддршка на иницијативата за отварање на книжарница во училиштето.

Директорот на Тримакс, Горан Димитров, истакна дека ова е прва книжарница од овој тип, која е во состав на училиште, во Скопје и најверојатно во Македонија.

На настанот беше истакнато дека е потребно заеднички да се грижиме за децата и младите и да ја оплемениме и подобриме околината во која тие најмногу престојуваат, а тоа е училиштето.

На отворањето учествуваа дечињата од „Поточиња“ со своите песни, учениците од училиштето „Лазо Ангеловски“, а како изненадување од Тримакс беше магионичарската претстава на Кристијан Шопов.