Учениците остануваат во училница, бројот на заразени е многу мал

Бројките на новозаразени со коронавирус во училиштата се движат од  0,01 до 0,03 проценти дневно, а  активни случаи се 0,26 проценти од вкупно 240.000 ученици во основното и средното образование кои наставата секојдневно ја посетуваат со физичко присуство, рече денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.

– Министертството за здравство излезе со став дека во моментов не препорачуваат промена на моделот на настава, но дека подготвуваат скрининг на ученици – рече Царовска, одговарајќи на новинарски прашања по првиот академски час на Природно-математичкиот факултет на УКИМ.

Таа додаде дека МОН е дневно во комуникација со Комисијата за заразни болести и со Министерството за здравство и кога процесот ќе почне, јавноста ќе биде информирана.

Министерството за здравство на 23 септември најави методологијата за спроведување скрининг тестирање за учениците во основните и средните училишта со брзи антигенски тестови за ковид-19.