Училишта ширум Црна Гора повторно евакуирани поради закана со бомби

Во вторникот пристигнаа нови дојави дека се поставени бомби во училиштата во Подгорица и Бијело Поље, како и во крајбрежните општини Бар и Котор.

Поради дојавите, училишните совети ги испратиле учениците дома, а полицијата, според протоколот, издала наредба за евакуација, по што следуваат прегледи.

Лажните закани за бомби, исто така, во понеделникот ги затворија сите училишта во Подгорица, главниот град на Црна Гора, каде што живее една третина од населението во земјата.

Овие извештаи дошле од елекронската пошта под името Ричард Рамирез, а авторот се претставил како Владислав Поздњаков од забранетата руска екстремистичка групација Машка држава, кој е осуден. Мејлот бил насловен со „Сите ќе умрете“, а авторот се заканил дека со автоматска пушка во рацете се упатил кон училиште во Подгорица.

Црногорската Агенција за национална безбедност (АНБ) побарала помош од странски партнери во врска со анонимните дојави за наводно поставени бомби во образовните институции, но и претходно во Високиот суд на земјата, потврдиле за весникот Вијести повеќе извори.

АНБ, како што беше речено, побарала помош според своите процедури, откако и утрово е прекината наставата во сите црногорски училишта, а Министерството за образование најави дека до крајот на седмицава образовните институции ќе преминат на онлајн режим на работа.