Ќучук: Довербата меѓу Македонија и Бугарија треба да се врати

Европратеникот Илхан Ќучук гледа огромни можности во бугарско-македонските односи, поради што, како што нагласува, довербата меѓу двете земји треба да се врати, да се надградува, по што е можно наоѓање заеднички јазик за сите отворени прашања. Блокадата, потенцира тој, на никаков начин не и помага ниту на ЕУ, ниту на двете земји.

– Ние како политичари сме должни да ги поставиме и бугарско-македонските односи и регионалните прашања, а и европските на една многу подобра перспектива – изјави европратеникот, кој е известител за земјава во Европскиот парламент.

Тој, во разговор за Трилинг на ТВ 24 вести, потенцираше дека треба да се врати довербата во Договорот, затоа што, како што нагласува, тоа е добра основа за решавања на некои историски прашања и за поставување на нова перспектива пред двете земји. Довербата беше изгубена од двете страни, рече Ќучуќ додавајќи дека таа е важна за да се вратат сите политички прашања на масата за преговори и да се најде решение.

– Компромисно решение е она што ќе биде добро прифатено. Ако има волја, такво може да се најде. Тоа го заслужуваат народите на двете земји – рече Ќучук.

Според него, во градење на довербата и во надминување на отворените прашања многу е битно да се тргнат настрана национализмите.

– Национализмот пречи исклучително многу. Тука зборувам за двата национализма, едниот тука во Скопје, другиот во Софија. Тој никогаш не создавал пријателство, туку омраза и нетрпеливост еден кон друг – рече европратеникот додавајќи дека токму затоа тој треба да се избегува и да се гради пријателство, партнерство, и добрососедски односи од што, како што вели, корист ќе имаат сите.

МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.