Ќучук и Шидер: Сите политички лидери да се залагаат за прогресивни политики, а не да се навраќаат на минатото

Европскиот парламент е голем поддржувач на проширувањето и за што поскоро одредување датум за преговори на Северна Македонија. Најважно е земјава да продолжи со реформите и сите политички лидери да бидат насочени и да се залагаат за прогресивни политики, а да не се обидуваат да ги менуваат нештата од минатото, порачаа денеска европратениците Илхан Ќучук и Андреас Шидер на прес-конференција во Собранието, по завршување на третиот дијалог во рамки на процесот Жан Моне.

„Европскиот парламент врши голема работа за проширувањето. Усвоивме резолуција во октомври 2019 година, имаме и многу меѓупартиски иницијтиви кои ги презедоа моите колеги, различни политички групи се состануваат со амбасадори, а потоа тие исто така одржуваат дијалози на високо ниво. Ние имаме јасна улога што треба да ја одиграме како Европски парламент и ќе ја исполниме истата, но исто така треба да го убедиме Советот дека Северна Македонија, власта и опозицијата ги прават правилните нешта, за кои постои многу јасен доказ за тоа, а тоа е каде сакаме да ја видиме земјата во иднина’, рече Ќучук.

Според него, во најдобар интерес за Северна Македонија е патот кон НАТО и ЕУ, и, како што рече, ако тоа е улогата која вие ја гледате за вас ние сме подготвени да ви помогнеме во одржувањето на земјата на правилниот пат.

Ќучук, исто така, посочи дека не треба да има контрадикторност во однос на реформата на Унијата и проширувањето.

„Истовремено треба да ги направиме важните реформи во Унијата, меѓутоа ако сакаме да играме клучна геополитичка улога на светската сцена, треба да ја држиме вратата отворена за земјите од регионот. Не можеме да продолжиме со политика, со ваков тип на политика како што беше во минатото. Треба да им дадеме сила и да ги зајакнеме земјите од регионот и да ги видиме како идни земји членки. Би сакал да ја видам Северна Македонија во водечка фаза што се однесува до процесот за проширување’, истакна тој.

Андреас Шидер, претседател на Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија, рече дека е најважно да се продолжи со реформите, но исто така на масата да се стави аргументот на реформите кои што веќе беа спроведени, а кои, оцени тој, не беа лесни за земјава.

„Направивте големи чекори почнувајќи со решавањето на одредени прашања со соседите и воспоставување една подобра политичка култура, но најважното е сите политички лидери да бидат насочени и да се залагаат за прогресивни политики. Тоа е многу важно, да се дискутира за иднината, да се бараат решенија, и кога ќе се најдат тие да бидат усвоени, а не секогаш да се навраќаме наназад и да се обидуваме да променуваме нештата од минатото“, подвлече европратеникот Шидер