Ќучук: Власта и опозицијата во Македонија да соработуваат за членство во ЕУ

Власта и опозицијата да соработуваат за доближувањето на Северна Македонија до ЕУ, порача известувачот на Европскиот парламент (ЕП) за земјава, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук.

Тој пораката до политичките чинители во земјава ја испрати пред Комитетот за надворешна политика во ЕП откако еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји ги презентира извештаите за напредокот на шесте земји од Западен Балкан.

Ќучук оцени дека е одлично што Северна Македонија конечно ги започна преговорите и изрази надеж тоа да продолжи и понатаму за граѓаните да се доближат до ЕУ.

„Јасно е дека Северна Македонија е членка на НАТО, но би сакал да ги видам опозицијата и владата да соработуваат кога станува збор за остварување на приоритетните цели и доближувањето до ЕУ. Тие соработуваат кога станува збор за сузбивање на корупцијата и другите мерки, но кога станува збор за клучните реформи и иднината на земјата треба тесно да соработуваат во интерес на сопствените граѓани“, рече Ќучук.

Еврокомесарот Вархеји претходно во презентацијата на извештајот оцени дека изминатата година била многу важна за Северна Македонија бидејќи ги започна пристапните преговори со ЕУ. Извештајот, според неговата презентација, ги поздравува направените реформи, но и ја потенцира важноста тие да продолжат, како и борбата против корупцијата.

Тој го поздрави тоа што земјава е целосно усогласена со заедничката надворешно-безбедносна политика на ЕУ и оцени дека Северна Македонија ја покажала својата одлучност да оствари напредок на патот кон ЕУ како кредибилен партнер.

Покрај за земјава, Вархеји накратко ги презентираше и извештаите за останатите пет земји од Западен Балкан: Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.