Ударите врз Мицкоски ќе го „измитарат“ ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш е фрлена како стрв за незадоволни или нереализирани партиски кадри, силно амбицирани и острастени да дојдат на чело на партијата. Но, прашањето е колку тоа се искрени пројави за наводно подобрување на рангирањето на партијата, а колку станува збор за свесно учество во политичките битки чијашто главна цел е конечно распарчување на најопасниот противник на Зоран Заев. И колку, во крајна линија, тоа ќе ѝ помогне на партијата да ги прочисти своите редови.

Изборите завршија како што завршија, без јасен победник и со легитимни надежи на двајцата најголеми добитници – или попрво губитници ако се суди според големата ерозија на освоените гласови од минатите изборни циклуси – да се освои власта и да се формира влада со политички и политикантски калкулации.

Очигледно влогот кој би го платил Заев е многу поголем, зашто покрај можност соочување со законот што му го ветуваа и сѐ уште ветуваат политичките противници, доколку не успее да формира влада, со сигурност би се соочил со силните аспираци за преземање на СДСМ. Во таа консталација, разбирливо е дека социјалдемократите на Заев прибегнаа кон веќе испробаниот модус, да го дестабилизираат противникот, и тоа однатре. И сосема беше очекувано да се јават незадоволници, оправдано или неоправдано, кои за цел ќе го имаат Христијан Мицкоски, а всушност треба свесно или несвесно да ја постигнат вистинска цел на оној што ги иницира, инспорира и потхранува медиумски за раслојување на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, се чини дека во овој момент недостига вистинска база внатре во партиското членство за евентуален преврат. Моментот, имено е многу поразличен од оној кога партиските трвења меѓу Груевски и Георгиевски доведоа и до опасно усвитена состојба во ВМРО-ДПМНЕ и формирање уште едно во низата партии со истиот предзнак. Но, тогаш Груевски имаше значителна поддршка во членството, во прв ред од многу препознатливи и авторитетни личности за оваа политичка опција, од кои многумина сега му ја даваат поддршката токму на Мицкоски.

Тимот на Мицкоски се обиде да ги амортизира ударите со промена на статутот на партијата, кој треба да овозможи демократизација и заживување на фракционерството во ВМРО-ДПМНЕ, што ќе претпостави згуснување на десноориентираните конзервативни опции. А тоа, пак, од своја страна во потенција е најголемата опасност за евентуалното ново владеење на Заев, кое и доколку се случи несомнено ќе биде кусо, па и според најголем број од процените на политички искусните набљудувачи одвај би издржало половина мандат.

И сега токму поради тоа се активираат одредени поранешни и актуелни кадри, кои треба да ја „потресат” ВМРО-ДПМНЕ. Се разбира, дека меѓу незадоволниците има и такви коишто искрено сметаат дека на партијата наводно ѝ е потребен нов курс, нова енергија и сонуваат за некои надмоќни изборни победи како во минатото. Меѓутоа, сѐ појасно се диференцираат и такви фигури без ронка политички габарит чијашто улога е да задаваат само удари кон Мицкоски кои очигледно имаат само употребна вредност во оваа операција. Такви се, на пример, пројавите имењаците Тодоров и Попоски, кои и никогаш не биле доживувани кај членството како „вмровци“, впрочем и самите ги знаат партиските сондажи од пред неколку години. И двајцата својата промоција во политиката ја должат токму на ВМРО-ДПМНЕ, но особено во случајот на Тодоров, јасно е колку успеале и да го изградат својот авторитет. Беше наменски употребена и поранешната пратеничка Даниела Рангелова, која својот напад го аргументира со неуспех да се победи слабото СДСМ, но ја пропушта можноста да забележи како се водеше кампањата и во ниту еден момент да каже дека СДСМ и Заев се крајно криминализирани. Нејзиниот единствен псевдоаргумент е дека партијата „не мрднала“ од колосекот на Груевски, кому инаку може да му се заблагодари и што вели народот свеќа да му пали што некој ја препознава во политиката.

Галеријата вакви ликови ја дополни и поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, кому експресно му беше одговорено од портпаролите на ВМРО-ДПМНЕ нарекувајќи го „политички печалбар“ и посочувајќи на неговиот имот, енормен во споредба со она што го поседува обичниот македонски граѓанин. Зачудува, пројавувањето на Коневски, кој убедливо со 4.000 гласови разлика загуби на локалните избори од кандидатот на СДСМ. А, во скопски Аеродром, сега „слабиот“ Мицкоски го победи Заев надополнувајќи ја таа разлика за уште 2.200 гласа. Се огласи уште еден поранешен вмровец, градоначалникот на Кавадарци – Митко Јанчев, кој дури и се споменува како можен кандидат за лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Но, дури и во СДСМ не се убедени во неговиот капацитет да биде искористен во растурањето на противниците.

Многумина зад сите нив го гледаа дејствувањето на Сашо Мијаклов, кој неоспорно има најмногу потенцијал да го протресе сегашното партиско водство. Што поради материјалната база која несомнено е голем фактор во македонски услови, што поради поврзаноста со партијата од претходно, како и со долгото заземање на челната полиција во тајната полиција којашто, исто така, дава предност во меѓупартиски или внатрепартиски превирања и неоспорната изверзираност да организира и да манипулира со одредени групи луѓе. Во моментов она што зачудува е како најгласните од 2016-та кои и со години претходно го посочуваа токму Мијалков како виновникот за „грабнатата држава“ сега молчат, па дури и ги афирмираат неговите сегашни ставови. Се разбира, кога станува збор за нападите врз сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

И како што траат ваквите напади врз новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ со релативизирање на шансата која е дадена за вистинска активност да се влијае врз промени во партијата, сѐ понедвојбен е впечатокот дека станува збор за инструрана група којашто има главна цела да предизвика раскол под диктат на СДСМ, најмногу во заштита на интересите на Заев. Не попусто и во едно од своите нотирања политичкиот аналитичар Арсим Зеколи, инаку еден од најжестоките критичари на владеењето на Груевски, овие ликови ќе ги нарече „Вмровците на Заев“.

Но, ваквите превирања не им се туѓи на „вмровците“, тие циклично се повторуваат секогаш со јасно препознатливиот иницијатор за нив. Па, дури и кога истите сегашни медиумски експоненти и премногу блиски на СДСМ го промовираа и преферираа Никола Груевски во внатрепартиските борби, сметајќи го за слаб политички противник кој секогаш ќе го поразуваат. А, потоа цела деценија лелекаа дека им ја „киднапирал“ земјата. Сега стравот е поголем, бидејќи Мицкоски успеа по неполни три години со медиумски секојдневно линчувана и распната партија, прво да се израмни, а потоа и да го надмине Заев. А, токму покажаната неспособност на првиот социјалдемократ во истиот тој период да го зацврсти својот рејтинг, тој напротив го урниса, и тоа просто создава потреба да ги вмеша прстите во противничкиот табор.

На крајот на краиштата, ваквата ситуација може и да биде полезна за Мицкоски и неговата екипа. Зашто многу скоро ќе се покаже кој има вистински автентичен „вмровски“ критички став и ќе се обиде низ структурата на партијата да го наметне своето мислење, а кој, пак, имал само еднократна употребна вредност и ВМРО-ДПМНЕ ќе го ослободи од товарот, во прв ред кадровски.

Автор: Серјожа Неделкоски