УЕФА ја промени формацијата за да може Роналдо да влезе меѓу 11-те најдобри

Европската фудбалска асоцијација УЕФА во последен момент мораше да ја промени формацијата за да може Португалецот Кристијано Роналдо да влезе меѓу најдобрите единаесетмина во 2019 година.

УЕФА во средата ја објави најдобрата екипа за изминатата година во чијшто избор последните шест седмици учествуваа повеќе од два милиона гласачи. Меѓутоа, УЕФА идеалните 11 ги објави во невообичаена формација 4-2-4, наместо 4-3-3 или 3-4-3.

Британскиот весник The Daily Mail објави дека напаѓачот на португалската репрезентација и на италијанскиот шампион Јувентус, Кристијано Роналдо, бил чеврти на листата на напаѓачите зад Садио Мане, Лионел Меси и Роберт Левандовски, па УЕФА се решила да ја промени формацијата за да може Роналдо да го протукра во „тимот на годината“.

Англичаните тврдат дека првичната формација била 4-3-3, но дека дополнително од екипата е изваден играчот од средниот ред на Челзи, Н’Голо Канте, за со промена на формацијата да се добие место за Роналдо. Неименуван извор за The Daily Mail, изјавил дека целата оваа сторија не е добра за европската асоцијација.

„Тоа беше ефикасно лажирање на гласовите. Причината за тоа е популарноста на Роналдо на повисоко ниво во организацијата. Поради тоа се прашувате што уште можат да смислат“, рекол соговорникот.

Од УЕФА не сакале да ги признаат тврдењата на англиските медиуми, само порачале дека формациите 4-2-4 се сѐ почести, особено во репрезентациите.

„Формацијата за годинешниот тим на годината е избрана така што ги одразува гласовите на навивачите, паралелно со постигнувањата на играчите во натпреварувањата на УЕФА“, изјави портпаролот на организацијата.

Интересно е што дури седум играчи во тимот на годината се појавуваат првпат, а претходно во овој избор беа само Лионел Меси, Кристијано Роналдо, Виргил ван Дијк и Кевин Де Брујне.

ТИМ НА ГОДИНАТА, ВО ФОРМАЦИЈА 4-2-4

Алисон Бекер (Ливерпул/ Бразил) – Трент Александер-Арнолд (Ливерпул/ Англија), Матијас Де Лихт (Ајакс и Јувентус/ Холандија), Виргил ван Дијк (Ливерпул/ Холандија) и Енди Робертсон (Ливерпул/ Шкотска) – Френки Де Јонг (Ајакс и Барселона/ Холандија) и Кевин Де Брујне (Манчестер Сити/ Белгија) – Лионел Меси (Барселона/ Аргентина), Роберт Левандовски (Баерн Минхен/ Полска), Кристијано Роналдо (Јувентус/ Португалија) и Садио Мане (Ливерпул/ Сенегал).