УЕФА: Чеферин доби нов претседателски мандат до 2027-ма

Со едногласна одлука на претставниците на редовниот годишен конгрес на Европската фудбалска асоцијација во Лисабон, Словенецот Александар Чеферин доби нов четиригодишен мандат како претседател на УЕФА, кој го извршува од 2016 година, кога го замени суспендираниот Французин Мишел Платини.

„Ви благодарам од сесрце за вашата едногласна поддршка“, рече 55-годишниот словенечки адвокат во краткото обраќање до присутните по гласањето, кое беше од формален карактер со оглед на тоа што досегашниот челник на УЕФА немаше противкандидат.

„Многу ми значи. Тоа е голема чест, но, пред сѐ, голема одговорност кон вас и фудбалот. Можам да ви ветам дека ќе направам сѐ што е во моја моќ да не ве разочарам, ни фудбалот“, додаде Чеферин кој ќе ја извршува функцијата претседател до годишниот конгрес во 2027 година.

Откако е на чело на УЕФА, најголемиот предизвик со кој се соочи е заканата од приклучувањето на најголемите европски клубови во проектот Суперлига, затворено натпреварување за најбогатите. Иако успеа да го спречи нејзиното почнување само за неколку дена, Чеферин во својот говор, кој му претходеше на реизборот, предупреди на заканата што проектот Суперлига сè уште ја претставува за сегашниот фудбалски систем во Европа.

Три клуба, Реал Мадрид, Барселона и Јувентус покренаа постапка пред Судот на правдата на Европската унија (CJEU) со осуда на наводната злоупотреба на доминантната позиција од страна на УЕФА. Одлуката се очекува во наредните седмици, но главниот правен застапник на CJEU, чии заклучоци често ги следат судиите, своето прво мислење го даде во средината на декември, што беше позитивно за УЕФА.

Чеферин сега практично има одврзани раце да ги продолжи своите два главни проекти во моментов: за реформа на финансискиот „фер-плеј“ со планираното воведување некаква горна граница што клубовите смеат да ја трошат за плати, надоместоци за трансфери на играчите и исплатени провизии за претставниците на играчите, и за реформата во Лигата на шампионите, која ќе започне од сезоната 2024/2025, кога ќе се зголеми од 32 на 36 клубови, а првата фаза од натпреварувањето ќе биде организирана во форма на мини-шампионат.

Телевизиските права за ова натпреварување веќе се доделени за рекордни 15 милијарди евра во текот на првиот тригодишен период (2024/2027 година).

Покрај претседателот, претставниците избраа и нови членови на Извршниот комитет на УЕФА.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.