УЕФА се коригираше, Сејдини и Поповски запишани како Македонци

УЕФА ја поправи грешката на својата официјална веб-страница, каде што претседателот и генералниот секретар на Фудбалската федерација на Македонија наместо како Македонци беа запишани како „Северномакедонци“.

Министерството за надворешни работи вчера испрати реакција до УЕФА, на чиј официјална веб-страница, каде што се претставени федерациите, покрај името ФФМ, претседателот Мухамед Сејдини и генералниот секретар Филип Поповски беа запишани дека по националност се „Северномакедонци“.

„МНР постојано води сметка за точната употреба на името на државата, државјанството и етничката припадност на граѓаните на С Македонија. Како што сме реагирале соодветно до сите меѓународни медиуми, етнитети итн., кои погрешно употребиле кој било од наведените термини, така реагиравме и до УЕФА, барајќи коректна употреба на овие термини, согласно Уставот и личната карта на земјата во Обединетите нации“, рекоа од Министерството за надворешни работи.