Уганда донесе закон со кој се забранува идентификување како ЛГБТИ

Парламентот на Уганда во вторникот усвои закон со кој се криминализира идентификувањето како ЛГБТИ лице, давајќи им на властите огромни овластувања за Угандајците кои веќе се соочуваат со правни последици и јавни и улични напади од мнозинството.

Повеќе од 30 африкански земји, вклучително и Уганда, веќе ги забрануваат истополовите врски. Но, новиот закон е првиот што забранува едноставно идентификување како лезбејки, геј, бисексуалци, трансродови и квир лица, според Human Rights Watch.

Поддржувачите на новиот закон велат дека е неопходно да се казни поширок спектар на ЛГБТИ активностите, за кои велат дека ги загрозуваат традиционалните вредности во конзервативната и религиозна источноафриканска земја.
Покрај истополовите врски, законот забранува промовирање и поттикнување на хомосексуалноста, како и заговор за вклучување во хомосексуални односи.

Поради прекршување на законот следуваат строги казни, вклучувајќи и смртна казна за таканаречената тешка хомосексуалност и доживотен затвор за хомосексуални односи. „Тешката“ или „сериозната хомосексуалностЕ вклучува хомосексуални односи со лица помлади од 18 години или кога сторителот е ХИВ позитивен.

„Нашиот творец Бог е среќен (поради) она што се случува… Го поддржувам предлог-законот за заштита на иднината на нашите деца. Ова е за суверенитетот на нашата нација, никој не може да нѐ уценува, никој не може да нѐ заплаши“, рече пратеникот Дејвид Бахати за време на дебатата за законот одговарајќи на притисоците и заканите со разни санкции од страна на западните функционери и дипломати.

Предлог-законот ќе биде испратен за потпишување до претседателот Јовери Мусевени. Тој не го коментираше сегашниот предлог, но олго време се противеше на правата на ЛГБТИ лицата и во 2013 година потпиша анти-ЛГБТИ законодавство што беше осудено од западните земји пред домашниот суд да го отфрли поради процедурални причини.

Последните седмици властите во Уганда приведуваа ЛГБТО лица и активисти, откако верските водачи и политичари тврдеа дека некои ученици биле регрутирани за хомосексуалност во училиштата.

Претходно во март властите уапсија професорка во средно училиште во Џинџа, во источниот регион на Уганда, под обвинение дека „поттикнувала млади девојки да практикуваат неприроден секс“. Потоа таа беше обвинета за грубо недолично однесување и е притворена во очекување на судењето.

Во понеделникот полицијата соопшти дека уапсила шест лица обвинети за водење мрежа која била „активно вклучена во привлекување момчиња во содомија“.