Уганда воведе карантин поради брзото ширење на ебола

Епидемијата на ебола во Уганда брзо се разви во текот на еден месец откако болеста беше откриена во оваа источноафриканска земја, изјави денеска регионалниот директор на здравствената агенција на ОН за Африка, Матшидисо Моети.

– Министерството за здравство на Уганда покажа извонредна отпорност и ефективност и постојано го прилагодува својот одговор на предизвикувачката ситуација. Подоброто разбирање на синџирите за пренос на болести им помага на оние на теренот да реагираат поефикасно, рече Моети.

Уганда прогласи епидемија на ебола на 20 септември, неколку дена откако заразната болест почна да се шири во рурална земјоделска заедница.

Оттогаш, 64 луѓе се заразиле со ебола, а 24 починале како последица на болеста, иако официјалните податоци не ги вклучуваат луѓето кои најверојатно починале од ебола пред да се прогласи епидемијата.

Стравувањата дека еболата би можела да се прошири далеку од епицентарот на епидемијата ги наведоа властите да воведат карантин, како и полициски час, во два од петте окрузи кои пријавиле случаи на ебола.

Еболата се шири преку контакт со телесни течности или контаминирани материјали на заразено лице. Симптомите вклучуваат треска, повраќање, дијареа, болки во мускулите, а понекогаш и внатрешно и надворешно крварење.